FinPortal.mk

ЗНАМ на 19 септември во МКЦ го одржува големиот отчет пред граѓаните

FinPortal.mk  · 
ЗНАМ на 19 септември во МКЦ го одржува големиот отчет пред граѓаните

Движењето ЗНАМ за Наша Македонија на 19 септември во Кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 13 часот, ќе го одржи големиот Отчет на избраните и именувани функционери на Движењето. Како што соопштија од партијата, настанот нема да биде само промоција на една публикација, туку почеток на голем граѓански отчет за сработеното во изминатите две години во Собранието, во Владата и во институциите со кои раководат кадрите на ЗНАМ.

„Нашата порака е едноставна: Отчетот не е за нас. Отчетот е за граѓаните. Пред две години граѓаните ни дадоа доверба и мандат да преземеме одговорност. Денес сметаме дека е наша обврска пред тие граѓани јасно и отворено да покажеме што е направено, кои одлуки се донесени, кои реформи се реализирани, кои проекти се започнати и кои резултати се постигнати“, велат од ЗНАМ.

На настанот во МКЦ ќе биде претставена публикацијата со наслов „Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија!“. Според соопштението на партијата, по овој настан започнува 14-неделна серија панел-дискусии, кои ќе се одржуваат секој викенд до крајот на годината, директно меѓу граѓаните, во 14 градови во Македонија.

На овие 14 панели, избраните и именувани функционери на ЗНАМ ќе ги презентираат резултатите од работата на институциите со кои раководат. Како што наведуваат од партијата, на дискусиите ќе се зборува за реализираното, за реформите, за инвестициите, за институционалните промени, за конкретните политики и за конкретните резултати. Но, како што се нагласува, уште поважно е тоа што ќе се разговара директно со граѓаните, ќе се слушаат нивните прашања, нивните критики, нивните предлози и нивните очекувања.

„За нас отчетот не значи само да кажеш што си направил. Отчет значи да застанеш пред граѓаните и да одговориш зошто си го направил тоа, што е постигнато и што допрва треба да се направи. Во политиката лесно е да се даде ветување. Многу потешко е по две години да застанеш пред граѓаните и да кажеш: Ова го ветивме. Ова го направивме. Ова не успеавме да го направиме. А ова ќе го направиме понатаму“, се наведува во соопштението на ЗНАМ.

Од партијата потенцираат дека токму затоа ЗНАМ избира директен контакт со граѓаните и отчет на терен, а не отчет само преку соопштенија, конференции или социјални мрежи. Според нивното соопштение, Движењето ЗНАМ е единствената политичка партија во Македонија која својот институционален отчет го поставува директно пред граѓаните, на терен, низ континуирана серија јавни дискусии.

Настанот во Кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје е закажан за 19 септември со почеток во 13 часот, а од ЗНАМ порачуваат дека отчетот е обврска кон граѓаните што ја добиле довербата и мандатот пред две години.