FinPortal.mk

ЗНАМ го објави отчетот за две години владеење: „Две години работа. Две години резултати.

FinPortal.mk  · 
ЗНАМ го објави отчетот за две години владеење: „Две години работа. Две години резултати.

Движењето ЗНАМ за Наша Македонија денеска ја претстави публикацијата со отчет за работата на избраните и именуваните функционери од редовите на Движењето во изминатите две години. На претставувањето, претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, порача дека отчетот не е само пресек на изминатиот период, туку и обврска резултатите од извршувањето на јавните функции да бидат достапни, проверливи и отворени за критика.

„Не тргнавме во политиката затоа што верувавме дека власта е лесен пат кон моќта. Напротив, верувавме дека јавната функција, ако ја сфатиш сериозно, е една од најтешките форми на лична и морална одговорност“, истакна Димитриевски. Тој нагласи дека со преземањето на одговорноста во Владата престанал периодот во кој било доволно само да се укажува на проблемите, додавајќи дека секое ветување дадено пред граѓаните мора да биде претворено во конкретен резултат.

Претседателот на ЗНАМ порача дека отчетот не треба да се сфати како завршна точка. „Не велам дека сме завршиле. Овој отчет не го споделуваме како точка на крајот, туку како пресек на еден период по кој мора да следи уште поголема одговорност“, рече Димитриевски. Тој истакна дека отчетот не треба да остане затворен во партиските архиви, туку да биде достапен за јавноста. „Нека го читаат. Нека го критикуваат. Нека ги споредуваат резултатите. Нека ни кажат и каде можевме подобро“, порача тој.

Говорејќи за политичката визија на Движењето, Димитриевски истакна дека ЗНАМ се залага за европска и реформирана Македонија, но и за држава која го зачувува и афирмира сопствениот идентитет, јазик, култура и историја. Тој порача дека следниот период треба да биде период на продолжување и продлабочување на започнатите промени, со определба Македонија да биде посилна, поуредена, помодерна и поспособна држава.

„Да ја чуваме Македонија, не само како спомен од минатото, туку како надеж за иднината. Да оставиме држава во која нашите деца ќе кажат: ‘Овде сакам да живеам. Овде сакам да создавам. Ова е мојата Македонија’“, порача Димитриевски. Од ЗНАМ наведуваат дека Движењето останува посветено на својата определба за одговорно, отчетно и транспарентно работење во јавниот интерес.

Публикацијата со отчетот ги опфаќа резултатите од работата на избраните и именуваните функционери на ЗНАМ во изминатите две години, а од Движењето порачуваат дека таа е отворена за јавна проверка и критика, со цел граѓаните директно да се запознаат со оствареното во извршувањето на јавните функции.