ЖРСМ Транспорт со 11 оперативни локомотиви: возниот парк се стабилизира, трошоците под контрола

Железничкиот транспорт во земјава излегува од тешките дефицити со локомотиви. Според информациите од ЖРСМ Транспорт, во моментов се оперативни 11 локомотиви, што е доволно за потребите на компанијата. Оваа бројка доаѓа по повеќегодишните предупредувања за сериозно намален возен парк, откако Државниот завод за ревизија во извештајот за 2024 година констатираше дека компанијата располага со 62 локомотиви, но само девет се во функција.
Од компанијата најавуваат дека обновата на возниот парк ќе се темели на комбинација од набавка на нови возила и ремонти и рехабилитација на постојните, за кои ќе се утврди дека е економски оправдано да се обновуваат. Паралелно со тоа, се подобруваат контролите врз одржувањето, резервните делови и залихите, како и евиденцијата на потрошувачката на гориво, електрична енергија и вода. Изработен е и предлог-правилник за попис на имотот, а формирана е мешовита комисија за негово доработување.
Една од конкретните мерки за намалување на расходите е намалувањето на бројот на лица ангажирани со договор на дело, од 87 на 33, односно за околу 62 отсто. Од компанијата велат дека понатамошните ангажмани ќе се одобруваат само кога постои конкретна и документирана потреба, особено за работи неопходни за непречено одвивање на железничкиот сообраќај.
ЖРСМ Транспорт соопштува и дека ја зајакнал контролата врз судските и финансиските ризици. За првпат е воведена сметководствена евиденција за резервирање средства за судски постапки, согласно меѓународниот сметководствен стандард МСС 37. Во однос на обврските кон АД МЕПСО, компанијата наведува дека во декември 2025 година склучила договор за одложена исплата на долгот, со утврдена динамика на отплата до декември 2028 година. Зајакната е и проверката на фактурите и документацијата пред нивното плаќање.
Од јули 2024 до октомври 2026 година, Секторот за внатрешна ревизија спровел 12 ревизии во различни организациони единици и работни процеси. Наодите од нив, според компанијата, се користат за подобрување на процедурите и контролата. На приходната страна, ЖРСМ Транспорт најавува зголемување на меѓународниот товарен сообраќај по Коридорот 10 и поголема соработка со регионалните железнички оператори и логистички компании. Се анализираат и можностите за враќање на железницата во транспортот на домашните индустриски капацитети, односно за пренасочување на дел од товарите што сега се превезуваат со камиони.
Компанијата работи и на реформа на моделот за јавната патничка услуга (ПСО), која треба да се темели на реалните и документирани трошоци и приходи, наместо на досегашниот модел. Со комбинацијата од зголемен број оперативни локомотиви, контрола на расходите и засилен товарен сообраќај, ЖРСМ Транспорт се обидува да го врати железничкиот транспорт на стабилни основи по годините на сериозни дефицити во возниот парк.