ЖРСМ Транспорт со 11 оперативни локомотиви – обнова на возниот парк и затегната контрола на трошоците
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Железничкиот транспорт во земјава излегува од тешките финансиски и оперативни дубиози со конкретни мерки за обнова на возниот парк, затегнување на контролата врз трошоците и зајакнување на приходите. Од ЖРСМ Транспорт соопштуваат дека во моментов се оперативни 11 локомотиви, што според компанијата е доволно за потребите на железничкиот сообраќај, пренесува Пари. Во однос на возниот парк, од компанијата најавуваат комбинација од набавка на нови возила и ремонти и рехабилитација на постојните, за кои ќе се утврди дека е економски оправдано да се обновуваат. Паралелно, како што велат, се подобруваат контролите врз одржувањето, резервните делови и залихите, како и евиденцијата на потрошувачката на гориво, електрична енергија и вода. Изработен е и предлог-правилник за попис на имотот, а формирана е мешовита комисија за негово доработување. Една од конкретните мерки за намалување на расходите е намалувањето на бројот на лица ангажирани со договор на дело – од 87 на 33, односно за околу 62 отсто. Од компанијата велат дека понатамошните ангажмани ќе се одобруваат само кога постои конкретна и документирана потреба, особено за работи неопходни за непречено одвивање на железничкиот сообраќај. ЖРСМ Транспорт соопштува и дека ја зајакнал контролата врз судските и финансиските ризици. За првпат е воведена сметководствена евиденција за резервирање средства за судски постапки, согласно меѓународниот сметководствен стандард МСС 37. Во однос на обврските кон АД МЕПСО, компанијата наведува дека во декември 2025 година склучила договор за одложена исплата на долгот, со утврдена динамика на отплата до декември 2028 година. Зајакната е и проверката на фактурите и документацијата пред нивното плаќање. Од јули 2024 до октомври 2026 година, Секторот за внатрешна ревизија спровел 12 ревизии во различни организациони единици и работни процеси. Наодите од нив, според компанијата, се користат за подобрување на процедурите и контролата. На приходната страна, ЖРСМ Транспорт најавува зголемување н