15.10.2026 - Жито Полог АД Тетово - Предлог - одлуки за Собрание на акционери
Собранието на акционери на „Жито Полог“ АД Тетово на седницата одржана на 16.11.2026 година донесе одлука за одобрување на голема зделка за наменско финансирање на друштвото „Полог ФФР“ ДОО Тетово, објавено преку системот СЕИНет.
Со оваа одлука, донесена врз основа на членовите 455 и 456 од Законот за трговските друштва и членовите 117 и 118 од Статутот на Друштвото, „Жито Полог“ АД Тетово, како мнозински сопственик со доминантен сопственички удел од 99,98 отсто во „Полог ФФР“ ДОО Тетово, му одобрува финансиски средства во вкупен износ од 436.650.000,00 денари, односно 7.100.000 евра.
Средствата се наменети за финансирање на инвестициските и оперативните активности на „Полог ФФР“ ДОО Тетово, поврзани со реализацијата на проектот за добивање на светски позната франшиза за угостителски услуги.
Конкретниот начин, динамиката и условите на финансирањето ќе се утврдат со соодветни договори, одлуки и други акти, согласно структурата на проектот и барањата на давателот на франшизата.
Одобрувањето е со одложен услов и ќе се реализира исклучиво доколку „Полог ФФР“ ДОО Тетово успешно ја стекне светски познатата франшиза за угостителски услуги и уредно склучи валиден договор за франшиза со давателот. Доколку постапката не заврши успешно или биде прекината, правното дејство на одлуката за пренос на финансиските средства не настапува и „Жито Полог“ АД Тетово нема обврска да изврши трансфер на одобрените средства.
Вредноста на одобрената финансиска трансакција надминува 50 отсто од книговодствената вредност на „Жито Полог“ АД Тетово утврдена врз основа на последните ревидирани финансиски извештаи на Друштвото од 2025 година. Поради тоа што станува збор за голема зделка, Одборот на директори до Собранието на акционери доставил писмено известување со своја препорака.
Со одлуката се овластува Одборот на директори на „Жито Полог“ АД Тетово да ги преземе сите потребни дејствија за реализација на одобреното финансирање, вклучително донесување на потребните одлуки, определување на начинот и динамиката на финансирањето, склучување на договори за заем, договори за вложување или други соодветни договори, вршење на уплати и пренос на средства кон „Полог ФФР“ ДОО Тетово, како и преземање на сите други правни и фактички дејствија потребни за реализација на одлуката.
Се овластува и Генералниот директор на „Жито Полог“ АД Тетово да ги договори поединечните елементи, да ги потпише соодветните договори за заем или влог, анекси и придружна документација со „Полог ФФР“ ДОО Тетово, како и да ги преземе сите правни и фактички дејствија пред надлежните банки и Централниот регистар на РСМ.