Женското присуство во науката и инженерството во ЕУ: 41 отсто во 2025 година

Жените сочинувале 41 отсто од вкупно вработените научници и инженери во Европската Унија во 2025 година, покажуваат податоците на Евростат. Според регионалната статистика, најголем апсолутен број жени научници и инженери има во францускиот главен регион Ил-де-Франс, каде што се регистрирани 336.300 жени во овие професии.
Сепак, во Ил-де-Франс жените сочинуваат 38 отсто од вкупниот број научници и инженери во регионот. По овој регион следи група региони со слични бројки: Северна Рајна-Вестфалија со 281.400 жени (35 отсто), Баварија со 271.100 (35 отсто), Есте во Шпанија со 279.400 (46 отсто), Западна Холандија со 271.600 (40 отсто) и Континенте во Португалија со 265.100 жени (46 отсто).
Во 2025 година имало 10 региони во ЕУ каде што жените сочинувале повеќе од половина од вкупниот број научници и инженери. Поголемиот дел од нив се наоѓаат во јужните земји членки: четири региони во Шпанија, два во Португалија и еден во Грција. Останатите три се Маmakroregion centralny во Полска, најсеверниот регион на Шведска и француските најоддалечени региони.
Според Евростат, повеќето региони од оваа група имаат релативно мал вкупен број научници и инженери. Најголем број во оваа група има регионот Нороесте во Шпанија, со 102.700 жени научници и инженери, што претставува 51 отсто од вкупниот број во тој регион.
Податоците произлегуваат од сетот hrst_st_rsex и се дел од регионалниот годишник на Евростат за 2026 година, како и од интерактивната публикација „Региони во Европа“.