Жените во Македонија заработуваат околу 12 отсто помалку од мажите — родовиот јаз не започнува на денот на исплатата

По повод Меѓународниот ден на еднакви плати, кој се одбележува на 18 септември, Алијансата за родова еднаквост (GEA) потсетува дека, и покрај законските гаранции за еднаква плата за еднаква работа, жените и понатаму заработуваат помалку од мажите. Како што нагласуваат од Алијансата, родовиот јаз во платите не започнува на денот кога се исплаќа платата — тој започнува многу порано и претставува видлива последица на невидливите нееднаквости што се акумулираат во текот на целиот работен век на жените.
Според Алијансата за родова еднаквост, разликата во заработувачката започнува уште со изборот на професија, продолжува преку ограничените можности за напредување и недоволната застапеност на раководни позиции, а потоа се продлабочува со поголемата грижа за семејството и домот, нееднаквиот пристап до финансии и претприемништво. На крајот, сите овие фактори се рефлектираат и во висината на платата, пензијата и економската сигурност на жените.
Принципот на еднаква плата за еднаква работа е утврден уште со Договорот од Рим во 1957 година и претставува едно од основните начела на Европската Унија. Сепак, и покрај повеќе од шест децении законски гаранции и политики за еднаков третман, напредокот во намалувањето на родовиот јаз во платите останува бавен, оценуваат од Алијансата.
Според податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), жените на глобално ниво и понатаму заработуваат околу 20 отсто помалку од мажите. Најновите податоци на Евростат, пак, покажуваат дека родовиот јаз во платите во Европската Унија во 2024 година изнесува 11,1 отсто. Иако во последните години се бележи постепено намалување на разликите, тие остануваат значајни, особено кај жените на повисоки позиции и во најпродуктивниот дел од работниот век.
Во Македонија, последните официјални податоци покажуваат дека родовиот јаз во платите изнесува околу 12 отсто, а најголемите разлики се забележуваат кај лицата со високо образование и кај вработените на возраст од 45 до 49 години. Тоа, како што се наведува, покажува дека високото образование и професионалното искуство сами по себе не се доволни за да обезбедат еднаква економска положба на жените, според податоците на Државниот завод за статистика објавени во изданието „Мажите и жените" за 2025 година.
Од Алијансата за родова еднаквост нагласуваат дека е важно да се разбере што всушност значи родовиот јаз во платите. Тој не значи дека секоја жена добива пониска плата од својот машки колега за истото работно место. Станува збор за разлика во просечните заработувачки на сите жени и мажи на пазарот на трудот, која е резултат на комбинација од повеќе фактори — хоризонтална и вертикална сегрегација, недоволна застапеност на жените на раководни позиции и нееднаква поделба на семејните обврски.
Токму затоа, како што порачуваат од Алијансата, родовиот јаз во платите е видлива последица на невидливите нееднаквости. За негово намалување не е доволно само законското гарантирање на еднаква плата, туку се потребни политики што ќе ги отстранат структурните причини поради кои жените остануваат во понеповолни економски позиции во текот на целиот свој работен век.