FinPortal.mk

Зелените и дигиталните реформи во Македонија напредуваат со различно темпо, доцнењето може да го загрози пристапот до европските средства

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Зелените и дигиталните реформи во Македонија напредуваат со различно темпо, доцнењето може да го загрози пристапот до европските средства

Северна Македонија напредува во зелената и дигиталната транзиција, но со различна динамика и ограничена координација меѓу институциите, покажува анализата „Двојна по име, асиметрична по мерка – Зелените и дигиталните реформи во Северна Македонија: асиметрии, јазови, причини и финансиски ризик“, претставена во Europe House во Скопје. Според заклучоците на анализата, доцнењето на реформите може да се одрази врз пристапот до европските средства, искористувањето на инвестициите и конкурентноста на домашните компании.

Публикацијата ја подготви Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер и Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс. Авторите Анамарија Велиновска и Кире Миловски укажуваат дека двата процеса најчесто се планираат, спроведуваат и оценуваат одделно, без постојан механизам за заедничко следење.

Националната проценка, која опфаќа 11 области, покажува најголем напредок кај обновливите извори на енергија и електронските јавни услуги, додека климатската политика, управувањето со отпадот и квалитетот на воздухот остануваат области со ограничена подготвеност.

Според Миловски, воведувањето електронски услуги само по себе не значи дека административните постапки се целосно дигитализирани. „Граѓаните и понатаму можат да се соочат со потреба од доставување хартиени документи или посета на институциите“, посочи тој.

Како пример за доцнењето на зелените реформи, во анализата е наведена подготовката на Законот за климатска акција, започната во февруари 2019 година. Првично било предвидено законот да биде доставен до Собранието во 2021 година, а по повеќе одложувања, во 2026 година тој се наоѓа во собраниска постапка. Доцнењето влијае врз воспоставувањето систем за следење, известување и верификација на емисиите и врз подготовките за воведување цена на јаглеродот. Овие прашања се значајни и поради европскиот Механизам за јаглеродно прилагодување на границите – CBAM, кој влијае врз условите за извоз на одредени производи во ЕУ.

Претседателот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, повика на поактивен граѓански и парламентарен надзор врз реформите. „Време е и Собранието да го зголеми надзорот врз реформите што кај нас доцнат“, истакна Трошановски, потсетувајќи на иницијативата за меѓупартиска парламентарна група за следење на Реформската агенда.