Заробени 20.000 фунти за студии: сметките на децата блокирани поради Алцхајмер на бабата

Кога децата се родија, мајката на еден британски татко отворила сметки „First Saver“ во банката NatWest, со јасна цел — со тие пари да ги финансираат нивните студии. Сметките се водат во доверителска сопственост, а децата ќе можат да располагаат со нив кога ќе наполнат 18 години. Родителите редовно уплатуваа средства на сметките со години, сè додека не дошол моментот кога парите требало да се искористат.
Мајката сега е во последната фаза од Алцхајмеровата болест, а таткото има регистрирано финансенско полномошно за неа. Ќерката почнала со студии минатата година, а синот започнува овој месец. Но, пристапот до по 20.000 фунти на секоја од сметките останал блокиран. Од банката му било кажано дека мајката мора да даде согласност за децата да пристапат до средствата — нешто што таа повеќе не е во состојба да го направи.
Семејството добило различни, често контрадикторни совети.
Како последица на сето тоа, семејството морало да земе банкарски кредит за да ги покрие трошоците на ќерката. NatWest ја објаснува ситуацијата со „недостиг на свесност кај вработените“ за „сложен процес“. Станува збор за повеќе вработени во кол-центрите и во филијалите кои, во период од речиси една година, не успеале да спроведат постапка што требало да биде стандардна. Од банката велат дека станува збор за проблем со обуката и дека „учењето од искуството“ на клиентот ќе се користи за „идни подобрувања“.
По реакцијата, децата сепак добиле пристап до своите средства, а исплатена е и компензација поради доцнењето. Случајот останува показател за тоа колку административните процедури можат да ги загрозат и најдобро испланираните семејни финансии кога се вкрстуваат со тешка болест и правни ограничувања.