Зајкова: Само 0,8 до 5,4 отсто од жените опфатени со скрининг-мамографија, државата штеди на превенција

Либерално-демократската партија (ЛДП) денеска со симболична герила акција алармираше дека раното откривање на канцерот може да спаси живот, но за превенција не се доволни кампањи, празни ветувања и изговори дека нема термини, соопштија од партијата.
Претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието на Македонија, Моника Зајкова, изјави дека додека надлежните штедат на здравјето, жените во Македонија се соочуваат со сурова реалност и погубна статистика. Според податоците на Државниот завод за ревизија, со скрининг-мамографија се опфатени одвај 0,8 до 5,4 проценти од жените, а со скрининг за рак на грлото на матката само 10,3 до 15,5 проценти.
„Ова не е обична статистика, зад овие бројки стојат човечки животи изгубени во систем без грижа“, изјави Зајкова.
Од ЛДП бараат итни системски решенија, меѓу кои гарантирани термини за превентивни прегледи, автоматски покани за скрининг, еден платен слободен ден годишно за превенција и преглед на товар на државата во приватното здравство кога јавниот систем не може навреме да обезбеди термин.
„Болеста не знае да чека и не познава административни бариери“, додаде Зајкова.
Дополнително, од ЛДП бараат Министерството за здравство секој месец јавно да објавува колку термини се достапни за мамографија, ехо на дојка и ПАП-тестови, колку граѓани чекаат и колку долго.
„При секое сомневање за канцер мора да има итна дијагностичка постапка, а не чекање со месеци по коридорите! Не бараме привилегии, туку здравствен систем во кој навремениот преглед е право, а не среќа, бидејќи држава што штеди на превенција, утре плаќа со човечки животи“, порача претседателката на ЛДП.
Според изнесените податоци, опфатот со превентивни скрининг-програми во Македонија останува значително под нивото што би овозможило навремено откривање на болеста, а од партијата сметаат дека токму превенцијата е клучната алка што недостасува во здравствениот систем.