Зајкова од Софија: Љубовта кон Македонија се покажува со дела, не со декларации

Претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова, во Софија, непосредно пред своето обраќање, порача дека љубовта се покажува со дела и дека доколку Бугарија навистина сака да ја види Македонија во Европската Унија, тоа треба да го покаже преку заедничко чекорење напред и конкретна поддршка. Нејзината реакција дојде по излагањето на европратеникот Андреј Ковачев, кој рече дека Бугарија гледа на Македонија со љубов и навистина сака да ја види како членка на ЕУ.
Зајкова порача дека по повеќе од две децении европски ветувања, на Западниот Балкан повеќе не му се потребни нови декларации за европска перспектива, туку конкретни одлуки што ќе покажат дека реформите и исполнетите обврски носат реален напредок. Таа потсети дека во Солун во 2003 година Западниот Балкан доби јасна европска перспектива и дека детето родено тогаш денес има 23 години, односно дека цела една генерација пораснала слушајќи дека Европа е нејзината иднина.
„Не сакам повеќе да зборуваме за тоа што Европа ќе направи еден ден во иднина. Сакам да зборуваме за тоа што можеме да направиме денес“, истакна Зајкова, нагласувајќи дека граѓаните на Македонија бараат процес во кој по секоја исполнета обврска доаѓа заслуженото придвижување.
Според неа, граѓаните не се уморни од реформите, туку се уморни од реформи без резултати. „Ако од нив бараме тешки одлуки, реформи и компромиси, тогаш имаме обврска да покажеме дека исполнувањето на условите носи видлив напредок. Во спротивно, страда довербата“, рече Зајкова.
Таа оцени дека Балканот мора конечно да ја напушти политичката логика „кој кого може да блокира“ и да почне да размислува како успехот на една држава може да придонесе за успехот и безбедноста на соседите и на цела Европа. „Наместо постојано да прашуваме кој кого може да блокира, да почнеме да прашуваме: како можеме да си помогнеме едни на други да станеме посилни? Како успехот на Бугарија може да ѝ помогне на Македонија и како успехот на Македонија може да ги направи Бугарија, Балканот и Европа посилни?“, порача Зајкова.
Претседателката на ЛДП нагласи дека просперитетна, демократска и европска Македонија е во интерес на Бугарија, исто како што просперитетна и успешна Бугарија е во интерес на Македонија. Таа посочи дека најголемата стратешка грешка за регионот би била државите да продолжат да го доживуваат напредокот на соседот како сопствен пораз.
Зајкова додаде дека може да се биде емотивен и дека може различно да се гледа на работите, но дека суштината останува иста – доколку навистина се сака Македонија во Европската Унија, тоа треба да се покаже со мерлива поддршка и со дела, а не само со декларации.