Зајкова: Нема да бидеме декор во партиските пресметки, бараме отворени листи и една изборна единица
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, порача дека партијата нема да се откаже од барањето за една изборна единица и отворени листи, нагласувајќи дека граѓаните треба да имаат право директно да ги избираат своите претставници. Во гостувањето на ТВ Алфа, Зајкова истакна дека ЛДП е независна и идеолошки автентична партија која разговара со бизнис-секторот, невладините организации, граѓаните и политичките партии за создавање решенија што ќе го подобрат животниот стандард. Како пример за такво решение, таа го посочи укинувањето на банкарските провизии. Зајкова нагласи дека партијата нема намера да се меша во внатрешните работи на другите партии, но смета дека разговорите за отворени листи и сојузништва за спроведување реформи се легитимни. „Ако разговорот за отворени листи или лобирањето за сојузништво за да дојдеме до овие решенија за некого е најголем грев и предавство, нема проблем – нека бидеме ‘предавници’!“, порача Зајкова. Според неа, отворените листи ќе го ограничат монополот на партиските лидери при изборот на кандидатите за пратеници и ќе им овозможат на граѓаните непосредно да одлучуваат за своите претставници. Таа оцени и дека незадоволството расте кога институциите ги игнорираат реалните проблеми и кога нема правда. Зајкова порача дека ЛДП останува посветена на демократијата, отворените листи и владеењето на правото. „На Македонија не ѝ требаат партиски монополи и затворени касти, туку слободни граѓани кои сами си ја кројат иднината“, порача претседателката на ЛДП.