Задолженоста на граѓаните кон банките достигна 4,93 милијарди евра, од декември нови правила за кредити

Граѓаните на Македонија заклучно со септември во банките должат вкупно 4,93 милијарди евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Заедно со компаниите, чиј долг изнесува 4,90 милијарди евра, вкупната задолженост на приватниот сектор кон банкарскиот систем достигна 9,87 милијарди евра. Истовремено, граѓаните и компаниите во септември во банките имале депозити во вкупен износ од 11,15 милијарди евра, од кои само на граѓаните им припаѓаат 7,50 милијарди евра.
Според извештајот на централната банка, само во септември вкупниот долг на компаниите и граѓаните се зголемил за 1,3 отсто во однос на претходниот месец. На годишно ниво е забележан вкупен раст од 14,1 отсто, при што кај компаниите растот изнесува 15,7 отсто, а кај домаќинствата 12,7 отсто. Народната банка забележува дека граѓаните најмногу се задолжувале преку потрошувачките и станбените кредити, кои во септември во однос на август пораснале за 1,1 отсто, односно за 1,5 отсто. На годишна основа растот е уште поизразен — 12,4 отсто кај потрошувачките и 16,1 отсто кај станбените кредити.
Од останатите категории, автомобилските кредити во септември забележале месечен пад од 1,8 отсто, а на годишно ниво пад од 0,4 отсто. Кредитите одобрени на кредитни картички имале месечен раст од 0,8 отсто, но годишен пад од 2,6 отсто. Внимание привлекува и податокот за негативните салда на тековните сметки на граѓаните, кои се повисоки за 5,8 отсто на месечна основа и за 4,9 отсто во однос на ланскиот септември. Кредитите одобрени врз други основи оствариле месечно намалување од 1,3 отсто и годишно намалување од 10,4 отсто.
Народната банка оценува дека месечниот раст на депозитите на граѓаните е резултат на орочените депозити, додека на годишна основа растот се базира на зголемените средства на трансакциските сметки, при што позитивен придонес кон растот имаат и останатите компоненти.
Високата задолженост на граѓаните, особено со станбени кредити, беше повод за последните мерки на Народната банка, кои ќе важат од 1 декември годинава. Со новите правила се ограничуваат максималниот рок на отплата на станбените и хипотекарните кредити и се намалуваат максималниот дозволен однос помеѓу месечните отплати и приходите на должниците, со цел побезбедно задолжување кај банките.