FinPortal.mk

Воз од Скопје до Приштина најрано до крајот на следната година, најавува Николоски

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Воз од Скопје до Приштина најрано до крајот на следната година, најавува Николоски

Железничкото поврзување меѓу Скопје и Приштина би можело да стане реалност до крајот на следната година, откако Косово ќе ги заврши работите на својата железничка инфраструктура. Ова го најави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, кој потврди дека на македонска страна веќе постои железничко поврзување кон Приштина, но дека целосното функционирање на линијата зависи од косовската страна.

Според Николоски, на територијата на Косово во моментов се работи на модернизација на железничката инфраструктура, при што останува да биде завршен уште еден тунел. Министерот откри дека во изминатиот месец остварил две средби со министерот за транспорт на Косово, на кои биле разгледани деталите околу динамиката на работите. „За Скопје–Приштина, ние имаме железничко поврзување, од страна на Косово се работи модернизација, има уште еден тунел којшто треба да се заврши. Јас одржав две средби со министерот за транспорт во изминатите месец дена, така што кога ќе го завршат нивниот дел, ќе може да функционира возот“, изјави Николоски во подкастот „Каде се парите?“.

Министерот посочи дека за реализација на железничкото поврзување на македонска страна ќе бидат потребни дополнителни активности, но дека тие се очекуваат да траат значително пократко од работите на Косово. Според неговите проценки, по завршувањето на работите во Косово, на македонска страна ќе бидат потребни околу четири до шест месеци за да се овозможи целосно функционирање на линијата. Очекувањето на Николоски е дека возот меѓу Скопје и Приштина ќе може да сообраќа до крајот на следната година.

Николоски истакна дека најголем дел од трасата на македонска територија, која води кон Приштина, ќе биде дел од идното проширување на градскиот воз во Скопје. Тој потсети дека првата траса од Зелениково до Нова железничка веќе е пуштена во употреба, додека втората траса треба да биде од Нова железничка до Волково и Ѓорче Петров, а третата треба да биде од Нова железничка до Илинден и Агино село. Ова проширување на градскиот железнички сообраќај, според министерот, е тесно поврзано со плановите за поврзување со Приштина.

Според Николоски, железничкото поврзување со Приштина би можело да има значаен ефект врз сообраќајот и врз намалувањето на аерозагадувањето во Скопје. Тој објасни дека во моментов 30 отсто од возилата во Скопје доаѓаат од запад, 30 отсто доаѓаат од исток, а останатите околу 40 отсто доаѓаат од север. Министерот посочи дека постои значителна дневна миграција, при што преку 10.000 возила дневно одат кон Косово и од Косово. „Доколку успееме да ги натераме да се качат во воз и за точно 50 минути од центарот на Приштина да стигнат до центарот на Скопје, сум убеден дека ќе влијае на намалување на загадувањето на Скопје“, истакна Николоски.

Најавата за железничко поврзување меѓу двата главни града доаѓа во момент кога Скопје се соочува со сериозни проблеми со аерозагадувањето, а сообраќајот во главниот град е еден од главните извори на загадување. Доколку плановите на министерот бидат реализирани, возот меѓу Скопје и Приштина би можел да претставува алтернатива за илјадниците патници кои секојдневно патуваат меѓу двете земји, а воедно и да придонесе за намалување на сообраќајниот метеж и загадувањето во главниот град.