Воз од Скопје до Приштина најрано до крајот на следната година, најавува Николоски

Автор: Редакција на FinPortal.mk ·

Железничкото поврзување меѓу Скопје и Приштина би можело да стане реалност до крајот на следната година, откако Косово ќе ги заврши работите на својата железничка инфраструктура. Ова го најави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, кој потврди дека на македонска страна веќе постои железничко поврзување кон Приштина, но дека целосното функционирање на линијата зависи од косовската страна. Според Николоски, на територијата на Косово во моментов се работи на модернизација на железничката инфраструктура, при што останува да биде завршен уште еден тунел. Министерот откри дека во изминатиот месец остварил две средби со министерот за транспорт на Косово, на кои биле разгледани деталите околу динамиката на работите. „За Скопје–Приштина, ние имаме железничко поврзување, од страна на Косово се работи модернизација, има уште еден тунел којшто треба да се заврши. Јас одржав две средби со министерот за транспорт во изминатите месец дена, така што кога ќе го завршат нивниот дел, ќе може да функционира возот“, изјави Николоски во подкастот „Каде се парите?“. Министерот посочи дека за реализација на железничкото поврзување на македонска страна ќе бидат потребни дополнителни активности, но дека тие се очекуваат да траат значително пократко од работите на Косово. Според неговите проценки, по завршувањето на работите во Косово, на македонска страна ќе бидат потребни околу четири до шест месеци за да се овозможи целосно функционирање на линијата. Очекувањето на Николоски е дека возот меѓу Скопје и Приштина ќе може да сообраќа до крајот на следната година. Николоски истакна дека најголем дел од трасата на македонска територија, која води кон Приштина, ќе биде дел од идното проширување на градскиот воз во Скопје. Тој потсети дека првата траса од Зелениково до Нова железничка веќе е пуштена во употреба, додека втората траса треба да биде од Нова железничка до Волково и Ѓорче Петров, а третата треба да биде од Нова железничка до Илинден и Агино село.

Воз од Скопје до Приштина најрано до крајот на следната година, најавува Николоски | FinPortal.mk

Железничкото поврзување меѓу Скопје и Приштина би можело да стане реалност до крајот на следната година, откако Косово ќе ги заврши работите на својата железнич