Воени претставници на НАТО првпат во посета на Армијата: Лафчиски ја истакна важноста на сојузничката соработка

Ешалонот од национални воени претставници при Врховниот штаб на Сојузничките сили во Европа за првпат престојува во посета на нашата држава и Армијата, во периодот од 20 до 23 септември 2026 година. Целта на посетата е националните воени претставници да стекнат подобро разбирање на стратешките и оперативните аспекти на безбедноста и одбраната преку непосреден увид во безбедносните и одбранбените политики и капацитети на земјата домаќин, начинот на организација и подготвеност на силите, како и да се запознаат со културата, традицијата и обичаите на нашата земја.
Денес во касарната „Илинден“ во Скопје гостите беа пречекани од началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, заменик-началникот на Генералштабот генерал-мајор Азим Нуредин и командантот на Командата за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски. Поздравувајќи ги гостите, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски ја нагласи важноста од сојузничката соработка, која е изградена врз доверба и заеднички вредности во рамките на НАТО – најмоќниот одбранбен сојуз во историјата.
Притоа тој истакна дека Армијата има важна улога во придонесот кон мобилноста, брзината, иницијативата, отпорноста и стратешката длабочина на Алијансата, преку своите способности и активно учество во мисиите, операциите и активностите на НАТО, поради што нашата држава е препознаена како кредибилна, ценета и почитувана членка на овој сојуз.
Воените претставници беа брифирани за нашето учество во меѓународните мисии и активности во рамките на НАТО, процесот на модернизација и опремување на Армијата и капацитетите на нашиот национален ресурс АП „Криволак“, кој е еден од најзначајните полигони за обука во Југоисточна Европа.
Националните воени претставници го проследија тактичко-техничкиот збор на кој имаа можност непосредно да се запознаат со дел од вооружувањето, воената опрема и средствата со кои располага Армијата, како и со нивната намена и примена при извршувањето на редовните задачи. Воедно, тие ја проследија методско-показната вежба изведена од припадници од Баталјонот за специјални намени, Лесната пешадиска баталјонска група и Центарот за одгледување и дресура на кучиња, со што добија непосреден увид во подготвеноста и способностите на Армијата.
Деканот на ешалонот на националните воени претставници, генерал-мајор Стефан Мершеноар, е на чело на делегацијата која престојува во нашата земја. Посетата претставува значаен чекор во продлабочувањето на сојузничката соработка и во зајакнувањето на позицијата на нашата држава како кредибилна членка на НАТО, чиј придонес кон колективната безбедност е препознаен и ценет во рамките на Алијансата.