FinPortal.mk

Во Собранието денеска втора работна сесија на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија

FinPortal.mk  · 
Во Собранието денеска втора работна сесија на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе се одржи Втората работна сесија на 25. Мешовит парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, по вчерашниот отворен состанок на кој ко-претседаваа пратеничката Иванка Василевска и европратеникот Карло Реслер.

На отворањето на вчерашниот состанок, Василевска изрази благодарност до европратениците за континуираната и недвосмислена поддршка на процесот на проширување на Европската Унија. Таа повтори дека Европскиот парламент позитивно ги оценува постигнатите реформски чекори, стабилноста на меѓуетничките односи и високото ниво на усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, препознавајќи ја земјата како кредибилен и сигурен партнер на НАТО и на Унијата, вклучително и преку учеството во мисиите и операциите на Унијата.

Василевска истакна дека како земја-кандидат има јасна одговорност доследно да ги спроведува неопходните реформи и континуирано да ги усогласува своите политики со европските стандарди и вредности, особено во областите на енергетиката, транспортот, трговијата, одбраната и безбедноста.

Според неа, кредибилитетот на процесот на пристапување се темели на заемна доверба и исполнување на обврските од двете страни. Затоа, како што рече, од особено значење е постигнатиот напредок на земјите кандидати да биде соодветно препознаен и вреднуван, а европската политика на проширување да остане предвидлива и конзистентна. Само преку таков пристап, нагласи Василевска, може да се обезбеди одржлив реформски процес, да се зацврсти европската перспектива на земјите кандидати и истовремено да се придонесе кон посилна, победна и поотпорна Европска Унија, способна поефикасно да одговори на предизвиците на глобалната конкуренција.

Таа оцени дека одложувањето на процесот на проширување може да влијае врз европската позиција и присуството во регионот, особено во услови на зголемена конкуренција на влијанија. Оттука, рече, важно е проширувањето да остане кредибилен, предвидлив и динамичен процес заснован на заслуги.

Европратеникот Карло Реслер рече дека земјава несомнено припаѓа во европското семејство. Тој истакна дека е јасно колку е долг и фрустрирачки патот кон евроинтеграциите за земјата, но порача дека Европскиот парламент сака да биде рамо до рамо со земјата, со нејзините граѓани и со колегите во Собранието.

Пратениците вчера го усвоија записникот од состанокот, со што беше заокружен првиот ден од работата на 25. Мешовит парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, додека денешната втора работна сесија продолжува во просториите на Собранието.