FinPortal.mk

ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски е симбол на кадровски неуспех и дебакл во СДС

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски е симбол на кадровски неуспех и дебакл во СДС

ВМРО-ДПМНЕ оцени дека Андреј Жерновски е симбол на кадровскиот неуспех и дебаклот во СДС, реагирајќи на неговите ставови што ги објави МИА. Од владејачката партија порачаа дека СДС е партија која нема што да понуди и дека е типичен пример за партија која доживеала дебакл, кадровска неподготвеност и претставува фабрика за лаги и шпекулации.

Според реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, фијаското на СДС како партија на чие чело е Филипче, под менторство на Зоран Заев, е тоа што партијата се наоѓа во целосен интелектуален и политички ќорсокак. Од партијата сметаат дека Жерновски, кого го опишуваат како несуден амбасадор и човек кој 20 години е на државна сметка, повторно беседи за тоа како државата не му се допаѓа и како системот не функционира.

Од ВМРО-ДПМНЕ укажуваат дека токму ликови како Жерновски, кој сака да се занимава со меѓународни работи, немаат елементарни познавања, како што на пример не знае што означува акронимот НАТО и не знае дека Европското јавно обвинителство веќе има нов главен обвинител. Според партијата, сателитите од СДС на чело со Филипче и Заев ја распродавале државата и ја понижувале на секој можен начин, само за да си го наполнат сопствениот џеб, да инвестираат во Дубаи, да се луксузираат на јахти по Егејот и да купуваат акции од авиокомпании.

Наместо да шират демагогија, од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека СДС треба да се извини на граѓаните што ги испокраде низ годините наназад. Во реакцијата се осврнуваат и на извештајот за напредокот на земјата за 2026 година, за кој велат дека Македонија бележи напредок во повеќе области во споредба со претходната година, особено во дигиталната трансформација, истражувањето, науката, образованието и владеењето на правото, што го потврдил и амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас.

Во однос на креирањето немир и хистерија од страна на СДС и Филипче за Алта банка, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е време СДС на чело со Филипче да престане да создава вештачка криза и да престане да ја руши довербата на граѓаните во институциите и финансискиот систем. Според партијата, Жерновски, Филипче и СДС со притисокот кон НБРМ и хајката против Алта банка создаваат терен за евтино преземање на банката од страна на бизнисмен близок до СДС и затоа со месеци ја политизираат темата за Алта банка.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека додека СДС ја банкротирала Еуростандард банка, тогашната министерка за финансии Нина Ангеловска непосредно пред затворањето на банката си повлекла од неа 250 илјади евра. На крајот од реакцијата порачуваат дека граѓаните треба да бидат спокојни, дека додека е премиер Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е на власт, плати и пензии ќе има, а банки нема да пропаѓаат, и дека Македонија продолжува со реформите, нови инвестиции и подобрување на животниот стандард на граѓаните.