FinPortal.mk

ВМРО-ДПМНЕ: Инвестиции во инфраструктурата, поддршка за семејствата и почиста средина во Чешиново Облешево

FinPortal.mk  · 
ВМРО-ДПМНЕ: Инвестиции во инфраструктурата, поддршка за семејствата и почиста средина во Чешиново Облешево

Општина Чешиново Облешево изминатава година интензивно работи на подобрување на условите за живот на граѓаните, создавање подобри можности за семејствата, младите и најмладите, како и на модернизација на локалната инфраструктура. Ова го соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи дека локалната власт предводена од оваа партија вложува во повеќе сегменти од секојдневниот живот на жителите.

Во делот на поддршката за семејствата, од партијата информираат дека секое прваче добило финансиска поддршка од 3.000 денари, додека за секое првородено дете семејствата добиле парична помош од 6.000 денари. Дополнително, младите брачни парови се ослободуваат од комунални трошоци за изградба на дом, што претставува конкретна мерка за полесно решавање на станбеното прашање за младите семејства во општината.

Локалната власт, како што се наведува во соопштението, вложува и во подобрување на локалната инфраструктура. Во изминатиот период реконструирани се улиците „Сремска“, „Јоаким Крчовски“, крак на улицата „Први мај“ и „Осоговска“. Во завршна фаза се работите на улиците „Маршал Тито“ и „Прохор Пчински“, што значи дека наскоро и овие сообраќајници ќе бидат целосно оспособени за употреба.

Посебно внимание се посветува на најмладите и на создавањето подобри услови за нивниот развој. Во тек е проширувањето на детската градинка во село Облешево, со цел зголемување на капацитетите и опфат на поголем број деца. Изграден е и нов парк во Облешево со детски реквизити, а реконструиран е и спортскиот терен во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Соколарци, што придонесува за поактивен и поздраво стил на живот меѓу учениците.

Во насока на создавање почиста и поуредна животна средина, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека се исчистени диви депонии, а предвидена е и набавка на мулчер и нова компресорска цистерна. Овие мерки имаат за цел трајно решавање на проблемот со нелегалното фрлање отпад и подобрување на комуналната хигиена во општината.

Општината формираше и Земјоделски совет, кој ќе работи на изнаоѓање конкретни решенија за проблемите со кои се соочуваат земјоделците и ќе придонесе за подобра комуникација и поддршка на земјоделскиот сектор. Со оваа иницијатива локалната власт покажува дека го слуша гласот на земјоделците и дека е подготвена активно да учествува во решавањето на нивните секојдневни предизвици.

Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека сите овие активности се дел од континуираните напори за подобрување на квалитетот на животот во Чешиново Облешево и дека ќе продолжат со реализација на проекти кои директно ги засегаат граѓаните. Според нив, фокусот останува врз семејствата, младите, инфраструктурата и чистата животна средина како основа за одржлив развој на општината.