FinPortal.mk

ВМРО-ДПМНЕ бара од Јавното обвинителство да отвори предмет за наводно ширење паника околу Алта банка

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
ВМРО-ДПМНЕ бара од Јавното обвинителство да отвори предмет за наводно ширење паника околу Алта банка

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го повика Јавното обвинителство да отвори предмет по допрен глас и да ги испита јавните настапи на СДС и на претседателот на партијата, Венко Филипче, поврзани со случајот со Алта банка. Од партијата тврдат дека со непроверени обвинувања се создава вознемиреност кај граѓаните и се нарушува довербата во банкарскиот систем.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДС намерно шири паника и предизвикува недоверба во институциите заради политички поени. Од партијата наведуваат дека финансиската сигурност на граѓаните не смее да биде предмет на дневнополитички пресметки.

ВМРО-ДПМНЕ бара Обвинителството да испита дали во случајот постојат основи за постапување според член 315 од Кривичниот законик, кој се однесува на кривичното дело саботажа. Од партијата сметаат дека јавните настапи на СДС пред Народната банка и обвинувањата упатени кон институцијата треба да бидат предмет на проверка.

Во соопштението се наведуваат и претходни политички спорови околу договорот со Обединетото Кралство, ИПАРД-програмата, извештајот на Томас Вајц, исплатата на пензиите, унгарскиот кредит и состојбата со водата во Гостивар.

„Јавното обвинителство мора да одговори на едно едноставно прашање: дали во оваа држава секој може без одговорност да пласира тврдења што можат да предизвикаат вознемиреност кај граѓаните и да ја нарушат довербата во финансиските институции?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата порачуваат дека Обвинителството мора да постапува согласно со закон и дека молкот не смее да биде одговор.