FinPortal.mk

ВМРО-ДПМНЕ бара надзорната расправа за Алта банка да се одржи утре, Стојаноски вели дека СДСМ се колеба

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
ВМРО-ДПМНЕ бара надзорната расправа за Алта банка да се одржи утре, Стојаноски вели дека СДСМ се колеба

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара од претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, надзорната расправа за состојбата во Алта банка да биде закажана за утре во 11 часот. Барањето доаѓа откако во понеделникот Комисијата едногласно изгласала одлука за одржување на надзорна расправа по повод случувањата со Алта банка.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека денеска биле свикани пратеничките групи на координација и дека неговата партија побарала расправата да се одржи утре. „Одлуката беше изгласана консензуално, едногласно, со тоа што ние побаравме надзорната расправа да биде одржана што е можно побрзо. Денеска беа свикани пратеничките групи на координација. Ние побаравме надзорната расправа да биде одржана утре. Видовме дека од страна на СДСМ има одредено колебање дали тоа да биде така или не“, изјави Стојаноски.

Според него, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложила да се скратат сите можни процедури предвидени во Деловникот, за да можат гостите да бидат поканети уште во текот на денешниот работен ден. Тој нагласи дека до овој момент не добиле одговор на своето барање.

Затоа, како што објасни Стојаноски, согласно можностите што ги дава Деловникот, односно член 126 став 2, собрале една третина од потписите од членовите и замениците-членови на Комисијата за финансирање и буџет. „Не е поентата оваа тема да се политизира или да се држи статус кво. Ако се искрени и реални во намерата, со оглед на тоа дека имаа простор од понеделникот до денеска да ги донесат сите оние одлуки коишто ги предвидува самиот Деловник, бидејќи тие ја водат Комисијата и таа би требало да биде надлежна за одржувањето на надзорната расправа, тогаш нема причина за дополнително одложување“, додаде тој.

Стојаноски најави и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги постави сите прашања што ја интересираат јавноста, бидејќи смета дека се создава паника таму каде што нема потреба, а граѓаните заслужуваат одговори. Со тоа, според него, расправата треба да биде можност за целосно расчистување на состојбата околу Алта банка, наместо темата да остане отворена и дополнително да се одложува.