ВЛЕН: Гласовите им припаѓаат на граѓаните, ниту една партија не може да тврди дека се нејзини — 2.11.2026

Поразот на кандидатот на владејачката коалиција на предвремените локални избори во Брвеница отвори нова политичка дебата во која коалицијата ВЛЕН порача дека гласовите на граѓаните не ги поседува ниту една политичка партија и дека никој не може да тврди дека тие му припаѓаат. Реакцијата на ВЛЕН доаѓа по првичните оценки од поразената владејачка партија, од каде што ВЛЕН беше посочен како „тројански коњ“ на ДУИ.
На предвремените локални избори во Брвеница победа извојува Аркин Јахији, кандидатот на Националната алијанса за интеграција (НАИ), поддржан од ДУИ. Тој освои 4.442 гласа, наспроти 4.177 гласа за Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ, со што победи со разлика од 265 гласа. Со тоа беше прекината низата политички успеси што владејачката коалиција ги очекуваше и во оваа општина.
За ДУИ и НАИ, како што се наведува, резултатот е можност да покажат дека нивната политичка база не е ослабена, како што често сугерираат нивните противници. За ВЛЕН, пак, поразот на кандидатот на владејачката коалиција отвора прашање дали поддршката во албанскиот политички блок се прераспределува и дали опозициската ДУИ повторно добива простор да ја наметнува политичката агенда. Како најважно политичко прашање се поставува дали овој исход ќе ја ослабне владината коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН и може ли ДУИ да се врати во „играта“.
Од ВЛЕН нагласуваат дека ниту една политичка партија не ги контролира гласовите и не може да тврди дека е нивен сопственик. „Гласовите им припаѓаат на граѓаните, кои се слободни да одлучат кому ќе му ја доверат својата поддршка. Ова е демократски принцип што сите мора да го почитуваат“, порачаа од коалицијата.
Од ВЛЕН оценуваат и дека изборите во Брвеница се одржале во слободен и демократски процес, без инциденти и без прекршување на изборните правила. Според коалицијата, изборниот исход покажал дека Македонија има уште многу работа до изградбата на вистински граѓански и инклузивен модел.
„Граѓански модел не може да се гради со повици за етничко гласање заедно со СДСМ и Левица. Затоа што таму каде што е Левица, ги нема Албанците!“, се наведува во реакцијата на ВЛЕН.
Од коалицијата предупредуваат дека во етнички разновидните општества секоја акција предизвикува реакција и дека политичката реторика заснована на етнички поделби може дополнително да ги продлабочи разликите меѓу заедниците. „Таквиот пристап ризикува да создаде затворен круг на поттикнувачка и поларизирачка реторика и да ги продлабочи етничките поделби. Како последица, наместо напредок, ќе имаме назадување“, порачуваат од коалицијата.
Реакцијата на ВЛЕН доаѓа во момент кога локалниот изборен резултат во Брвеница се толкува како показател за движењата во албанскиот политички блок, но и како тест за стабилноста на владината коалиција. Од коалицијата, наместо да ја коментираат распределбата на гласовите како сопственост на партиите, инсистираат на принципот дека одлуката е на граѓаните и дека демократскиот процес мора да се почитува од сите политички чинители.