Власт и опозиција со спротивставени аргументи за ребалансот на буџетот во Собранието

Дебатата по Предлог-ребалансот на буџетот продолжи и денеска во Собранието, каде власта и опозицијата повторно ги вкрстија аргументите за овој документ. За владејачката структура, предлогот претставува одговор на актуелните геополитички случувања и показател за одговорни политики, додека опозицијата го оценува како фискален пораз на една неодговорна политика.
Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека буџетот не е статичен документ и дека мора да одговори на реалните околности, особено кога економските услови и очекувањата за негово извршување се менуваат. Според него, суштината на овој ребаланс е јасна — да се усогласат буџетските средства со реалната динамика на проектите, а истовремено да се продолжи со инвестициите што ги поврзуваат регионите, ги развиваат општините и создаваат услови за продолжување на економскиот раст.
Петрушевски потсети дека се одвива голем инвестициски циклус на целата територија на државата, меѓу кој ги наведе шесте автопатски делници, двете гасоводни интерконекции, прекуграничната електроенергетска инфраструктура и железничката инфраструктура. Тој нагласи дека обврската на пратениците не е само да изгласаат буџет или ребаланс, туку да обезбедат јавните пари да се трошат одговорно, транспарентно и во интерес на граѓаните, со јасна цел и оправдување за секој денар. „Овој ребаланс е избор на одговорност пред популизам, стабилност пред финансиска неизвесност и конкретни резултати пред празни ветувања“, рече Петрушевски.
Според Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ, со вториот ребаланс се потврдува одговорното владеење на Владата и се штити животниот стандард на граѓаните, продолжуваат капиталните инвестиции и се обезбедува навремена поддршка за пензионерите и сите ранливи категории на граѓани.
Од друга страна, пратеникот Димитар Ковачевски од СДСМ смета дека Предлог-ребалансот нема да донесе долгорочна економска стабилност. Како што посочи, во него има зголемување на буџетскиот дефицит и на вкупните расходи од првично планираните, а не се води сметка ниту за здравствената инфраструктура, животната средина и стандардот на граѓаните.
Неговата колешка Јованка Тренчевска оцени дека вториот ребаланс не е документ што претставува техничко прилагодување, туку признание за нереално планирање. „Владата тврди дека ребалансот се прави поради геополитичките случувања, но при анализа на бројките се гледа дека има сериозно потфрлање при собирањето на средствата“, рече Тренчевска.
Дебатата во Собранието продолжува со вкрстени аргументи меѓу двете страни, при што власта инсистира на потребата од прилагодување на буџетот кон реалните економски услови и инвестицискиот циклус, додека опозицијата бара одговорност за фискалната состојба и предупредува на последиците врз стандардот на граѓаните.