Влаховиќ осми пат откако заврши СП 2022 нема да игра за Србија, откажал поради повреда

Најдобриот српски напаѓач Душан Влаховиќ уште еднаш нема да биде дел од националниот тим на Србија. Ова е осми пат откако заврши Светското првенство во Катар во декември 2022 година, односно од почетокот на 2023 година наваму, кога Влаховиќ го нема во составот на српската репрезентација поради повреди, пренесуваат српските медиуми.
Според информациите, Влаховиќ му откажал на селекторот Вељко Пауновиќ поради повреда. Засега не е познато за каква повреда станува збор, ниту колку е сериозна, но претпоставката е дека неговиот клуб Бешикташ сака да го заштити играчот кого скапо го плати ова лето и кој беше пречекан како султан во Истанбул. Наводно, Влаховиќ добил удари и му било препорачано да паузира.
Интересно е што само викендов Влаховиќ одиграл цел натпревар за Бешикташ и постигнал гол, но сепак не се појавил на собирот на српската репрезентација. Ова е веќе осми собир од Светското првенство во Катар наваму на кој тој не се појавува. Српската репрезентација од 2023 година имала вкупно 19 собири, а Влаховиќ отсутвувал на осум од нив, главно поради полесни повреди, еднаш поради семејни причини, наводно поради раскинување со девојката.
Речиси една година Влаховиќ не играл за Србија. Српските медиуми пишуваат дека „нешто не е во ред“, имајќи предвид дека се работи за најдобриот српски напаѓач. Репрезентацијата веќе се навикнала да игра без него, без разлика дали се работи за официјални или пријателски натпревари.
Дваесет и шестгодишниот Влаховиќ досега одиграл само 41 натпревар и постигнал 16 гола за српската репрезентација, што е скромен учинок за играч од кого се очекува да биде лидер, во согласност со неговиот квалитет и цена. За споредба, Страхиња Павловиќ, кој е една година помлад, веќе има 55 настапи за националниот тим.
Од српската репрезентација засега не соопштиле дополнителни детали за повредата на Влаховиќ, ниту колку долго ќе отсуствува од терените. Останува да се види дали Бешикташ навистина го заштитил својот скап играч или се работи за посериозна повреда која би можела да го оддалечи од терените подолго време.