FinPortal.mk

Владо Милев со победа над Израел ја заврши играчката кариера

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Владо Милев со победа над Израел ја заврши играчката кариера

Најискусниот играч во машкиот национален тим на Македонија, 39-годишниот Владо Милев, го одигра последниот натпревар во репрезентативниот дрес, но и воопшто во својата кариера. Тоа се случи на вчерашниот дуел меѓу Македонија и Израел во рамките на ЕвроВолеј 2026, со што искусниот одбојкар стави точка на едно поглавје кое го градеше речиси три децении.

Соиграчите победнички го испратија Милев во играчка пензија и на перфектен начин му овозможија да ја заокружи кариерата. Македонија славеше против Израел, а токму победата беше најдостојниот начин на кој најстариот член на тимот се збогува со репрезентативниот дрес.

Милев е еден од неколкумината македонски одбојкари кој може да се пофали дека учествувал на сите четири Европски првенства на кои настапила Македонија. Тој е дел од генерацијата која ги испишуваше историските успеси со настапите во Европската лига, но и со премиерата и континуитетот на континенталните собири.

Истовремено, Милев градеше и успешна клупска кариера која започнува во родната Струмица, а потоа доби меѓународна димензија. Настапуваше во лигите низ Европа повеќе од две децении — во Чешка, Белгија, Грција, Австрија, Романија, Кипар и Црна Гора, за да ја заврши во Унгарија во мај годинава.

„Премногу и дадов и јас на одбојката, но и таа мене. Чувствувам дека е време за крај и телото ми го кажува тоа. Среќен сум што заминувам со победа со националниот тим, со среќен крај! Натпреварите на ЕвроВолеј покажаа дека имам достојна замена и време е да се повлечам и да оставам помладите да преземат“, кусо коментираше низ насмевка Владо Милев по последниот натпревар.

Иако стави крај на играчката кариера, ангажманите на Милев во одбојката продолжуваат, со оглед на тоа дека тој е активен член на Извршниот одбор на Одбојкарската федерација на Македонија. Со тоа, неговото искуство и знаење остануваат вградени во македонската одбојка и по завршувањето на играчката кариера.

Со повлекувањето на Милев, македонската репрезентација останува без еден од своите најверни и најдолготрајни претставници, кој беше сведок и учесник во сите најголеми успеси на националниот тим во изминатите децении. Неговото заминување означува крај на една ера и отвора простор за помладите генерации одбојкари да го преземат водството.