FinPortal.mk

Владата започнува темелна реконструкција на студентските домови, вкупната инвестиција надминува 100 милиони евра

FinPortal.mk  · 
Владата започнува темелна реконструкција на студентските домови, вкупната инвестиција надминува 100 милиони евра

По децении во кои голем дел од студентските домови во земјава останаа во застарена и несоодветна состојба, Владата започнува процес на нивна темелна и системска модернизација. Наместо привремени и козметички зафати, владината политика е насочена кон целосна реконструкција на објектите и создавање современи услови за живот и учење, со што се отвора нова ера за студентскиот стандард.

Проектот опфаќа девет државни студентски домови, шест ресурсни центри за ученици со попреченост и еден ученички дом, со што ќе бидат опфатени повеќе од 5.000 студенти и ученици. Станува збор за објекти кои во најголем дел се изградени во 50-тите и 60-тите години на минатиот век, а дел од нив со децении чекаат сериозна реконструкција.

Обновата ќе се реализира во три фази. Првата ги опфаќа домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје, при што реконструкцијата на „Стив Наумов“ е пред завршување, а „Кузман Јосифовски-Питу“ треба да биде завршен до крајот на годината. Во втората фаза се опфатени преостанатите студентски домови, меѓу кои „Никола Карев“ во Охрид, „Браќа Миладиновци“ во Штип, „Народен херој Орде Чопела“ во Прилеп, „Кочо Рацин“ во Битола, „Пелагонија“ и „Гоце Делчев“ во Скопје, како и „Томе Стефановски-Сениќ“. Третата фаза ги опфаќа ресурсните центри за ученици со попреченост и еден ученички дом за средношколци во Скопје.

Особено значајно е што станува збор за темелна реконструкција, а не само за уредување на објектите. Предвидени се нови електрични, водоводни и канализациски инсталации, системи за греење, замена на покриви и столарија, термоизолација, подобрување на санитарните услови, противпожарна заштита, сеизмичка безбедност и подобра пристапност.

Четири од домовите – во Охрид, Прилеп, Штип и „Томе Стефановски-Сениќ“ во Скопје – ќе бидат реконструирани според уште повисоки стандарди, близу до нивото на објекти со речиси нулта потрошувачка на енергија. Тоа значи дека овие објекти не само што ќе добијат нов изглед, туку и значително ќе ја намалат потрошувачката на енергија, што долгорочно ќе придонесе за поодржливо функционирање на студентскиот стандард.

Финансиската конструкција е значајна. Вкупната инвестиција изнесува 85,56 милиони евра, од кои 60 милиони евра се обезбедени преку заеми од германската развојна банка KfW, околу 21 милион евра се грантови од Европската Унија преку WBIF, а 3,85 милиони евра се средства од Министерството за образование и наука. Во перспектива, со дополнителни средства, вкупната инвестиција се очекува да надмине 100 милиони евра.

Ова ја покажува и пошироката определба на Владата да инвестира во образовната инфраструктура и студентскиот стандард, користејќи ги европските фондови и меѓународните финансиски институции како основен извор за реализација на капиталните проекти. Со темелната реконструкција на домовите, студентите и учениците во земјава конечно ќе добијат современи услови за живот и учење, какви што одамна заслужуваат.