FinPortal.mk

Владата предлага намалување на искуството за заверување проекти за прва категорија градби, меѓу кои и дата-центрите

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Владата предлага намалување на искуството за заверување проекти за прва категорија градби, меѓу кои и дата-центрите

Владата предлага измени на Законот за градење со кои потребното работно искуство за службените лица кои ги заверуваат основните проекти за градби од прва категорија би се намалило од две на една година. Предлогот ги опфаќа и дата-центрите, кои веќе се класифицирани во оваа категорија, соопштија од ДОМ.

Според соопштението, во јуни годинава Владата ги протурка законските измени со кои дата-центрите (Г4.7) беа класифицирани како градби од прва категорија, со што надлежноста за нивно одобрување се префрли на централно ниво. Истовремено, со измените на Законот за урбанистичко планирање значително се скратија роковите за нивно урбанистичко планирање: јавната презентација е ограничена на најмногу 10 дена, а јавниот повик може да биде објавен само пет дена пред нејзиното одржување.

Од ДОМ прашуваат која е оправданоста за ваквите измени на критериумите и врз основа на каква стручна процена Владата утврдила дека една година работно искуство е доволна за постапување по проектна документација за градби од прва категорија. Тие поставуваат и прашање дали пред предлагањето на овие измени е направена процена на ризиците и последиците врз квалитетот на институционалната контрола.

Од ДОМ потсетуваат дека градбите од прва категорија опфаќаат инфраструктурно сложени и потенцијално високо влијателни објекти, меѓу кои и дата-центрите, со значителни потреби од електрична енергија и вода. Нивното планирање и одобрување бараат сериозна стручна проверка и одговорно постапување на институциите.

ДОМ предупредува дека забрзувањето на административните постапки не смее да се претвори во намалување на стандардите за стручност и контрола. Поедноставувањето на процедурите може да биде оправдано само доколку не ги доведува во прашање безбедноста, јавниот интерес и заштитата на животната средина.

На граѓаните им се должи одговор, велат од ДОМ: дали овие измени се во интерес на поквалитетно и поефикасно институционално постапување или се уште еден чекор кон полесно одобрување на сложени инвестиции без доволно гаранции за јавниот интерес?