Владата подготвува нов ребаланс: приходите и расходите се намалуваат, кусокот до 130 милиони евра — 5.10.2026

Процедурата околу новиот ребаланс на Буџетот, втор за оваа година, ќе биде завршена до крајот на месецов, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Новата проекција на приходите и расходите во државната каса ќе биде пониска во однос на постојниот Буџет, односно кусокот ќе биде поголем, што се должи на помалите остварени приходи од акцизи и од данокот на додадена вредност, поради владините интервенции за смирување на цените на нафтените деривати.
„Се намалуваат и расходите и приходите бидејќи кај приходната страна имаме помалку 7-8 милијарди денари, односно 118-130 милиони евра. Тоа е резултат на намалените акцизи, односно намалените приходи од акцизите и намалените приходи од намаленото ДДВ“, изјави премиерот Мицкоски одговарајќи на прашања на новинарите за време на неговата посета во Теарце.
„За да се избалансираат сите овие работи, ќе правиме ребаланс, очекувам во текот на овој месец да биде завршена процедурата“, додаде тој. Мицкоски не прецизираше каде најмногу ќе се кратат расходите, односно кои буџетски корисници ќе добијат помалку средства, но нагласи дека приоритет за Владата е стандардот на граѓаните, што укажува дека нема да се чепка во платите.
Тој исто така рече дека остануваме држава со најниска цена на дизел горивото и на безоловниот бензин. „Од 25 до 50 центи сме поевтини од сите во регионот, така што тоа е наша цел“, рече премиерот, додавајќи дека очекува дека денеска ќе има повторно намалување на цената на безоловните горива и на дизелот. „Остануваме држава со најниски цени кога станува збор за дизел горивото и безоловниот бензин“, рече Мицкоски, посочувајќи дека таквата владина политика има своја цена, која отприлика е 7 до 8 милијарди денари помали приходи.
Новиот ребаланс на Буџот беше најавен минатата среда, на 30 септември, исто така од премиерот, но тогаш тој рече дека кусокот поради пониските акцизи и ДДВ до крајот на годинава ќе достигне 6-7 милијарди денари или околу 97-113 милиони евра. Сега летвичката е зголемена на 130 милиони евра.
„Станува збор за 6-7 милијарди. Тоа се нашите проценки. Ја разгледуваме можноста да се направи уште еден ребаланс, но она кое што претставува наш приоритет како Влада е стандардот на граѓаните“, рече тогаш Мицкоски.
Според денешните изјави на премиерот, за нецела недела проценката на кусокот приходи значајно се зголеми поради помалите акцизи и ДДВ. Додека минатата среда тој зборуваше за кусок до 118 милиони евра, сега вели дека тој може да достигне и 130 милиони евра.
Ребалансот на Буџетот е втор за оваа година и ќе ги коригира и приходната и расходната страна на државната каса, со цел да се избалансираат финансиските текови по намалените приходи од акцизи и од данокот на додадена вредност. Владата, како што нагласи премиерот, останува посветена на заштитата на стандардот на граѓаните и на одржувањето на најниските цени на горивата во регионот, иако таквата политика има своја фискална цена изразена во помали приходи.
Очекувањата се дека по завршувањето на процедурата во текот на овој месец, новиот ребаланс ќе стапи во сила и ќе овозможи усогласување на буџетските рамки со реалните приходи и расходи до крајот на годинава.