Владата обезбеди 470 милиони денари за довршување на затворениот базен во Охрид

По речиси 11 години од почетокот на изградбата, Охрид конечно ќе го добие затворениот базен. Владата на денешната седница ја усвои одлуката со која се овозможува продолжување и завршување на проектот, соопшти Министерството за спорт. За целосно довршување на објектот се обезбедени 470 милиони денари, со што, како што наведуваат од ресорното министерство, се надминува долгогодишниот застој на еден од најзначајните спортски инфраструктурни проекти во градот.
Според Министерството за спорт, по преземањето на надлежностите била спроведена темелна анализа и ревизија на проектот со цел да се утврдат техничките, финансиските и административните пречки што го оневозможувале неговото завршување. По ревизијата биле преземени конкретни мерки за надминување на проблемите, меѓу кои и измена на основниот проект, со што се создаваат услови градежните работи да продолжат.
Од ресорното министерство оценуваат дека затворениот базен е инвестиција од големо значење за Охрид и за развојот на пливачките спортови во државата, бидејќи ќе обезбеди современи услови за тренинг, развој на младите категории и организирање натпревари.
Одлуката на Владата доаѓа по повеќе од една деценија неизвесност околу судбината на објектот, кој поради низа технички и финансиски пречки остана недовршен. Со обезбедените средства и изменетиот основен проект, како што соопштуваат надлежните, се отвора патот кон конечно заокружување на проектот што треба да им служи и на охридските пливачи и на спортистите од поширокиот регион.