FinPortal.mk

Владата ќе исплати по осум денари за килограм предаден ориз, парите дел од Интервентниот фонд и ребалансот

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Владата ќе исплати по осум денари за килограм предаден ориз, парите дел од Интервентниот фонд и ребалансот

Владата планира директна поддршка од околу осум денари за секој килограм предадена оризова арпа, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Поддршката се однесува на периодот од 1 септември 2025 година до 15 септември 2026 година, а средствата ќе бидат исплатени до крајот на оваа година.

Според премиерот, дел од парите веќе се обезбедени во Интервентниот фонд на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а остатокот ќе биде обезбеден со ребалансот на буџетот. Станува збор за околу стотина милиони денари што ги обезбедува Владата, а исплатата ќе следи по завршувањето и усвојувањето на ребалансот во Собранието.

Мицкоски ова го соопшти при посетата на општина Чешиново-Облешево, каде што ја искористи приликата да упати порака и до откупувачите на ориз. Тој побара од нив да се однесуваат фер кон оризопроизводителите, како што, како што рече, и Владата и граѓаните се однесуваат фер кон нив.

„Ова е двонасочна улица, не би сакале да веруваме во шпекулативно однесување на поединци, затоа што тоа ќе биде ригорозно казнето“, рече премиерот Мицкоски.

Инаку, жетвата на оризот во моментов е во тек во неколку општини во Источниот Регион, каде што земјоделците ги собираат годинешните површини со оризова арпа.