Владата го усвои Предлог-буџетот за 2027 година: дефицит од 3,5 отсто од БДП и капитални инвестиции од 40,8 милијарди денари
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Владата денеска го усвои Предлог-буџетот за 2027 година, со кој се поставуваат фискалните рамки и развојните приоритети за наредната година. Основната цел е обезбедување стабилни и одржливи јавни финансии, продолжување на постепената фискална консолидација, но истовремено и создавање услови за економски раст, инвестиции и подобрување на животниот стандард на граѓаните, изјави на прес-конференција во Владата министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Димитриеска Кочоска истакна дека Буџетот за 2027 година е подготвен во услови на неизвесно меѓународно економско опкружување и екстерни ризици, поради што посебно внимание е посветено на реалноста на проекциите, одржливоста на расходите и ефикасното користење на јавните средства. Според неа, вкупните приходи во Предлог-буџетот за 2027 година се планирани на ниво од 395,4 милијарди денари, што е 5,7 отсто повеќе споредено со 2026 година, додека вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари, што е за 4,8 отсто повеќе споредено со 2026 година. Министерката за финансии посочи дека буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 отсто од бруто домашниот производ, и е во согласност со Фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година. „Ова значи дека остануваме на определбата на постепена фискална консолидација, со јасна цел за намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг, без притоа да се откажеме од развојните приоритети“, рече Димитриеска Кочоска. Таа подвлече дека особено значаен сегмент на Буџетот за 2027 година се капиталните инвестиции. „За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари. Нашата определба е овие средства да бидат насочени кон проекти кои создаваат долгорочна вредност, ја подобруваат инфраструктурата и придонесуваат за поквалитетни јавни услуги“, истакна министерката. На приходната страна, како што посочи Димитриеска Кочоска, даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари, што претставува раст од 6,4 проценти. „Даночната полит