Владата денеска на седница носи одлука за намалување на ДДВ на горивата од 18 на 10 проценти

FinPortal.mk · 13.9.2026 г.

Владата денеска ќе одржи седница на која треба да донесе нова мерка за ублажување на растот на цените на горивата, која предвидува намалување на данокот на додадена вредност од 18 на 10 проценти. Најавата ја соопшти премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека мерката треба да придонесе за намалување на малопродажната цена на дизел-горивото. Според премиерот, одлуката доаѓа непосредно пред утрешната корекција на цените на горивата што ја подготвува Регулаторната комисија за енергетика. „Мерки веќе имаме за горивата, намалени акцизи за дизелот и безоловното гориво. Денеска повторно ќе имаме владина седница и ќе донесеме нова мерка – намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти. Со тоа очекуваме да има намалување на цената на дизел-горивото“, изјави Мицкоски. Премиерот призна дека намалувањето на данокот ќе има директни последици врз приходите во државната каса, но нагласи дека приоритет на Владата останува заштитата на животниот стандард на граѓаните. „Тоа ќе има импликации врз Буџетот, но наш интерес е да го штитиме стандардот на граѓаните. Не е лесно, ќе се бориме. Имаме неколку војни, најголема енергетска криза“, рече Мицкоски. Според премиерот, и покрај високите цени, горивата во Македонија ќе останат поевтини во споредба со земјите од соседството. „Ќе остане убедливо најниската цена на горивата. Дали таа во суштина е ниска? Не е. Но, е поевтина од таа во соседството, каде што плаќаат 150, 180 денари и така натаму“, изјави Мицкоски. Новата мерка треба да биде разгледана на денешната владина седница, непосредно пред новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика за малопродажните цени на нафтените деривати. Со намалувањето на ДДВ од 18 на 10 проценти, Владата продолжува со пакетот мерки чија цел е ублажување на растот на цените на горивата, по претходно намалените акцизи за дизелот и безоловното гориво.

Владата денеска на седница носи одлука за намалување на ДДВ на горивата од 18 на 10 проценти | FinPortal.mk

Владата денеска ќе одржи седница на која треба да донесе нова мерка за ублажување на растот на цените на горивата, која предвидува намалување на данокот на дода