Високотехнолошките автомобили ги надувуваат сметките за поправки — товарот паѓа врз возачите
Сè пософистицираните автомобили ги принудуваат сервисите да трошат сè повеќе на компјутери, софтвер и опрема за калибрација, а тие трошоци, според механичарите, на крајот ги плаќаат возачите. Автомеханичарот Ралф Цајслер од Бруклин, Њујорк, вели дека брзиот технолошки развој го тера да вложува повеќе време и пари само за да изврши и основни поправки, а тие трошоци ги префрла на клиентите.
„Секоја година ги надградувам сите мои компјутери“, изјави Цајслер, сопственик на Emil's All-Tire во населбата Грејвсенд. „Имам повеќе компјутери за домашни, азиски и европски автомобили и тоа е многу скапо. Секоја година прават измени, а тоа чини сè повеќе пари. И станува многу предизвикувачко.
Грег Бранон, директор за автомобилско инженерство во AAA, вели дека многу механичари низ САД се соочуваат со истите проблеми. „Поправките на овие возила се толку софистицирани сега и речиси секогаш бараат лаптоп“, рече тој, додавајќи дека понекогаш тоа е лаптоп посветен само на таа марка возила. Сервисот, исто така, мора да има претплати на софтвер и услуги за податоци за да изврши поправки, кои можат да се купат за различен временски период — од неколку часа до една година. Тие повторливи трошоци тешко ги поднесуваат помалите сервиси.
Според податоците на Федералната резерва на Сент Луис, трошоците за поправки пораснале за околу 60 отсто од јануари 2019 до август 2026 година — речиси двојно повеќе од растот на вкупната инфлација од 32 отсто во истиот период. Истражувањето на AAA од 2023 година покажало дека калибрацијата на напредните системи за помош на возачот (ADAS) може да го зголеми трошокот за поправка по судир за 37,6 отсто.
Замената на напукнато ветробранско стакло порано значела само нарачка и монтажа. Сега камерата зад стаклото мора да се калибрира, вели Ариела Цајслер, ќерка на Ралф, која исто така работи во сервисот. Еден уред за калибрација чини околу 28.000 долари, а потребниот компјутер што доаѓа со него е уште 12.000 долари. Целосниот сет може да чини до 90.000 долари. Покрај тоа, има табли поставени на уредот наменети за калибрација на конкретни камери, а секоја од нив може да чини стотици, па и илјадници долари за попремиум марките.
Од 2014 година, трговските здруженија што ги претставуваат производителите на автомобили и автомеханичарите склучуваат договори со цел сервисите да имаат пристап до истите податоци, делови и алати како поголемите дилерски центри. Бранон вели дека информациите генерално им се достапни на сервисите, и на дилерските и на независните, но признава дека има исклучоци. Постои работна група на која сервисите можат да пријават проблеми или загриженост до производителите, а најголемиот дел од пријавите се однесуваат на трошоците и сложеноста при пристапот до податоци. Цајслер вели дека неговиот главен проблем обично е токму трошокот и маката околу пристапот до информации или надградбата на компјутерите.