Високиот јавен долг ја отежнува борбата против инфлацијата, предупредува Европската централна банка

Колку повеќе се задолжуваат државите, толку потешка станува задачата на централните банки да ја одржат инфлацијата под контрола, се заклучок на истражувањето на Европската централна банка (ЕЦБ) насловено „Монетарната политика во услови на висок јавен долг“. Според истражувањето, високиот јавен долг не мора да доведе до неконтролиран раст на цените, но може да ги зголеми каматните стапки потребни за одржување на ценовната стабилност. Затоа, централните банки не треба да реагираат само кога инфлацијата веќе расте, туку да го земат предвид и нивото на државната задолженост.
Од глобалната финансиска криза наваму, јавниот долг значително порасна и во еврозоната и во Соединетите Американски Држави. Истовремено, потребите за ново задолжување се зголемуваат поради инвестициите во зелената транзиција и повисоките трошоци за одбрана. Ваквите околности ја менуваат врската меѓу државните финансии, каматните стапки и инфлацијата, се наведува во истражувањето на ЕЦБ.
Еден од клучните механизми што ги анализира истражувањето е однесувањето на домаќинствата. Кога државата се задолжува за да финансира дополнителни расходи или трансфери кон населението, дел од добиените средства граѓаните ги трошат, наместо да ги заштедат во очекување на повисоки даноци во иднина. Таквата потрошувачка ја зголемува побарувачката во економијата. Доколку понудата на производи и услуги не може да го следи растот на побарувачката, се создава притисок врз цените. Токму затоа јавниот долг, во одредени економски услови, може да дејствува како дополнителен извор на инфлација.
Вообичаено, централните банки се спротивставуваат на ваквите притисоци со зголемување на каматните стапки. Поскапото задолжување ја ограничува потрошувачката и инвестициите, а со тоа го намалува притисокот врз цените. Но, истражувањето покажува дека кај висока државна задолженост оваа стратегија може да стане помалку ефикасна.
Кога централната банка ги зголемува каматите за да ја намали инфлацијата, истовремено може да ги зголеми идните трошоци за задолжување на државата. Тоа значи дека мерката што денес ја ограничува потрошувачката може да создаде нов проблем во државните финансии, бидејќи поскапото сервисирање на долгот ги оптоварува буџетските средства. Според заклучокот на ЕЦБ, токму оваа поврзаност меѓу монетарната политика и фискалната состојба на државите бара внимателно балансирање, бидејќи борбата против инфлацијата со каматни стапки во услови на висок јавен долг станува посложена задача отколку во периоди кога задолженоста е пониска.