Винисиус на мета на потсмев: чадор и вентилатор го штитеа од сонцето за време на снимање во Дубаи

Бразилската фудбалска ѕвезда Винисиус Жуниор се најде на мета на потсмев и критики на социјалните мрежи откако се прошири видео од неговата посета на Дубаи, на кое се гледа како двајца асистенти му обезбедуваат посебен третман за време на прошетка.
На снимката, која е направена во историскиот кварт Ал Сеф во Дубаи, едниот асистент држи чадор над фудбалерот за да го заштити од сонцето, додека другата личност го разладува со рачен вентилатор насочен кон неговото лице. Напаѓачот на Реал Мадрид се движи опкружен со луѓе од продукцискиот тим, а необичната глетка предизвика лавина реакции на интернет.
Дел од корисниците го исмеваа Бразилецот и неговиот, како што го нарекоа, „фараонски“ третман, оценувајќи ја сцената како претерана и невообичаена за една прошетка низ градот.
Сепак, зад видеото се крие поинаква приказна. Винисиус не бил во Дубаи на приватен одмор, туку учествувал во снимање промотивни материјали за туристичката организација „Visit Dubai“, во рамките на комерцијалното партнерство меѓу градот и Реал Мадрид. Соработката меѓу клубот и Дубаи е воспоставена во 2023 година, а вклучува и промотивни активности за туристичката понуда на емиратот.
Според достапните информации, чадорот и вентилаторот биле дел од продукциската организација на снимањето, со цел фудбалерот да биде заштитен од силното сонце и да остане свеж пред камерите. Таквата помош е вообичаена на снимања на отворено, особено кога се работи во услови на високи температури и кога треба да се одржи изгледот на учесниците во кадарот.
Патувањето на Винисиус се совпаднало со периодот во кој ја одработувал суспензијата од четири натпревари, изречена по исклучувањето на дуелот со Виљареал. Поради казната, тој ги пропуштил натпреварите против Севилја, Барселона, Расинг Сантандер и Валенсија, а Реал Мадрид успеал да ги добие сите четири средби без својот бразилски напаѓач.
Видеото од прошетката во Ал Сеф, сепак, продолжи да се шири на социјалните мрежи, каде што корисниците најмногу се задржаа на контрастот меѓу луксузниот третман и обичната прошетка низ историскиот дел на Дубаи, без притоа да го земат предвид контекстот на промотивното снимање.