Вевчани домаќин на деветтата средба на „Еуролинкс“ – научници од 19 земји разменуваат знаења за евроазискиот рис

Македонското еколошко друштво ќе биде домаќин на деветтата средба на „Еуролинкс“, европска научна иницијатива за споделување податоци и знаење за екологијата на движењето на евроазискиот рис. Средбата ќе се одржи во Вевчани од 12 до 14 октомври, а на неа ќе присуствуваат бројни странски и регионални проучувачи на рисот во Европа. Настанот е од затворен карактер и е наменет само за членовите на „Еуролинкс“.
„Еуролинкс“ (EUROLYNX) е основана во 2018 година како просторна база на податоци која ги чува податоците за евроазискиот рис (Lynx lynx). Засега тие податоци ги споделуваат 42 групи од 19 земји. Меѓу нив е и Македонското еколошко друштво, кое преку Програмата за закрепнување на балканскиот рис веќе 20 години работи на зачувување на овој загрозен подвид на евроазискиот рис.
Александар Павлов, биолог кој е дел од тимот на МЕД што работи на закрепнување на балканскиот рис, изјави дека „Еуролинкс“ е платформа што спојува научници од Европа со иста пасија и научна цел – проучување на рисот. Според него, ова е прилика да се споделат новите истражувања од областа и да се остварат соработки од поголеми размери, со фокус на цели популации на рисот. На тој начин, како што вели Павлов, значително се збогатуваат сознанијата и се стекнува подетална слика за трендовите и поврзаностите меѓу популациите на континентално ниво.
Павлов истакна дека тоа што МЕД е домаќин на ваков настан претставува афирмација на нивната долгогодишна научноистражувачка работа, но и признание од научната фела дека организацијата е дел од една поголема заедница на научници.
Податоците што се достапни преку овој отворен информациски систем овозможуваат да се истражи однесувањето на рисот во неговите живеалишта и да се евидентира како неговите популации реагираат на промена на живеалиштата, разни човекови активности, густината на пленот или методите на одгледување добиток. Со оглед на тоа што ваквите теренски поткрепени информации пристигнуваат од повеќе земји, „Еуролинкс“ дава одлична основа за компаративни теориски и применети истражувања за однесувањето и екологијата на рисот на европско ниво.
Евроазискиот рис е голем грабливец од семејството на мачките (Felidae) и е најголем од шесте вида во родот Lynx. Благодарение на неговиот широк ареал и стабилните популации низ Евроазија, на Црвената листа на загрозени видови на Меѓународната унија за зачувување на природата спаѓа во категоријата на видови за кои постои најмала загриженост.