FinPortal.mk

Ветеринарната професија е прва линија на одбрана на јавното здравје, порачаа од Агенцијата за храна и ветеринарство

FinPortal.mk  · 
Ветеринарната професија е прва линија на одбрана на јавното здравје, порачаа од Агенцијата за храна и ветеринарство

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство вчера се обрати на свеченото отворање на 11. Меѓународен научен собир „Денови на ветеринарна медицина 2026“, што се одржува во Струга во организација на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје. Во своето обраќање тој ја истакна клучната улога на ветеринарната професија во заштитата на здравјето на животните, безбедноста на храната и јавното здравје, нагласувајќи дека современите здравствени ризици бараат заеднички и координиран пристап на институциите, науката и ветеринарните професионалци.

„Нема јавно здравје без здравје на животните и нема безбедна храна без силна ветеринарна професија. Концептот ‘Едно здравје’ за Агенцијата не е само научен концепт, туку секојдневна обврска“, истакна директорот пред присутните на научниот собир. Според него, токму ветеринарите на терен претставуваат една од првите линии на заштита на јавното здравје, бидејќи со спречувањето и контролата на заразните болести истовремено ги штитат сточарството и економијата, додека преку контролата на безбедноста на храната и раното препознавање на зоонозите директно придонесуваат за заштита на здравјето на граѓаните.

Посебно внимание во обраќањето беше посветено на актуелните епидемиолошки и епизоотиолошки предизвици и на потребата од континуиран надзор, навремено препознавање на ризиците, современа лабораториска дијагностика и брза реакција на терен. Како што беше нагласено, во ветеринарната медицина времето е фактор на безбедност, бидејќи еден навреме препознаен сомнителен случај, точна дијагноза и брза реакција можат да спречат локален проблем да прерасне во сериозна криза.

Како еден од приоритетите беше истакнато и натамошното унапредување на ветеринарниот систем во земјава преку зајакнување на надзорот и дијагностичките капацитети, дигитализација, подобра размена на податоци и континуирано стручно усовршување на ветеринарните професионалци. Во таа насока беше потенцирано стратешкото партнерство меѓу Агенцијата за храна и ветеринарство и Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, особено во поврзувањето на науката со практиката и носењето одлуки засновани на научни докази и процена на ризик.

„Вложувањето во ветеринарната медицина не е трошок, туку инвестиција во здравјето, безбедноста и економската стабилност на државата. Нашата цел е да градиме систем кој нема само да реагира на кризите, туку навреме ќе ги препознава и ќе ги спречува“, порача директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Меѓународниот научен собир „Денови на ветеринарна медицина 2026“ во Струга, организиран од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, претставува платформа на која домашните и странските експерти од областа на ветеринарната медицина разменуваат знаења и искуства за актуелните предизвици во професијата. Настанот се одржува во момент кога современите здравствени ризици, вклучително и оние поврзани со заразните болести кај животните и безбедноста на храната, бараат сè поголема координација меѓу институциите, научната заедница и ветеринарните професионалци на терен.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство порачуваат дека концептот „Едно здравје“, кој ја поврзува здравствената заштита на луѓето, животните и животната средина, останува основа на нивното работење и дека натамошното зајакнување на ветеринарниот систем е предуслов за одржлива заштита на јавното здравје и стабилноста на сточарскиот сектор во земјава.