Ветеринарите излегуваат на протест пред АХВ и Владата, бараат финансирање и враќање на превентивните мерки на терен

Автор: Редакција на FinPortal.mk ·

Вработените во ветеринарно-здравствениот сектор денеска ќе одржат мирен протест поради лошата состојба во секторот и застојот во спроведувањето на превентивните мерки за заштита на здравјето на животните. Собирот е закажан да започне во 13 часот пред Агенцијата за храна и ветеринарство, а во 14 часот е најавен протест и пред Владата, соопштија организаторите. Иницијативата доаѓа од докторите по ветеринарна медицина од амбулантите и клиниките кои ги спроведуваат превентивните мерки на терен, а поддршка им дава Ветеринарната комора на Македонија. Тие укажуваат на недоволните буџетски средства за здравствена заштита на животните, особено во последните две години, како и на, според нив, несоодветниот институционален третман на професијата. Од Ветеринарната комора предупредуваат дека последиците од застојот го засегаат целото општество. „Кога превентивните мерки доцнат, се отежнува навременото откривање и сузбивање на болестите кај животните. Тоа има последици за сточарите и за прометот со животни, а создава и ризици за безбедноста на храната и јавното здравје“, се наведува во соопштението на Комората. Од Комората посочуваат дека во изминатиот период, преку средби и дописи, континуирано ги известувале надлежните институции за проблемите и за потребата од соодветно финансирање и услови за работа. Оттаму бараат итни чекори за продолжување на работата на терен и системски решенија што ќе овозможат редовно и непречено спроведување на превентивните мерки. Ветеринарната комора најави дека сите барања изнесени на протестот ќе ги достави до надлежните институции. Протестот е најавен како мирен, а организаторите не открија други детали за бројот на учесници или за времетраењето на собирот.

Ветеринарите излегуваат на протест пред АХВ и Владата, бараат финансирање и враќање на превентивните мерки на терен | FinPortal.mk

Вработените во ветеринарно-здравствениот сектор денеска ќе одржат мирен протест поради лошата состојба во секторот и застојот во спроведувањето на превентивните