FinPortal.mk

Вешто лице во случајот „Онкологија“ ги објасни критериумите за оценка на онколошкиот третман, судот го одби барањето за изземање на судијката Ристески

FinPortal.mk  · 
Вешто лице во случајот „Онкологија“ ги објасни критериумите за оценка на онколошкиот третман, судот го одби барањето за изземање на судијката Ристески

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Онкологија“, во кој обвинети се поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, како и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски. На денешното рочиште фокусот беше ставен на вкрстеното испитување на вештото лице од страна на Обвинителството, при што се разгледуваа критериумите врз кои се оценувани квалитетот и ефикасноста на онколошкиот третман.

Вештото лице, д-р Владимир Даниловски, одговараше на прашањата на Обвинителството за тоа кои клинички параметри биле применети при изготвувањето на наодот и мислењето за конкретните пациенти. Притоа, тој беше прашан и дали било земено предвид дејството на хемотерапијата врз здравите клетки и последиците од тоа, на што одговори потврдно.

Обвинителството потоа побара од вештото лице да ги посочи клиничките параметри врз кои се темели проценката на квалитетот и ефикасноста на онколошкиот третман. Вештото лице ги наведе вкупното преживување, преживувањето без прогресија, стапката на туморски одговор, контролата на болеста, безбедносниот профил на терапијата и квалитетот на животот на пациентот.

На прашањето кои од овие параметри биле применети при давањето на мислењето за конкретните пациенти, вештото лице остана на наодите наведени во вештачењето. Одбраната приговори на дел од прашањата, со образложение дека кај поединечните пациенти вештото лице не вршело споредба меѓу различни третмани во однос на тоа дали биле подобри или полоши. Судот не ги прифати овие приговори, посочувајќи дека прашањата се поврзани со дадените наоди и мислења за конкретните пациенти и конкретното лекување.

Претходно, судот прифати приговор на бранителот на првообвинетиот, адвокат Дељо Кадиев, во однос на долго и нејасно поставено прашање. Судијката Снежана Марковска укажа дека вкрстеното испитување треба да се одвива постепено, со поставување конкретни прашања и барање конкретни одговори од вештото лице, особено во насока на проверка на неговиот исказ и стручност.

Судот констатира дека начинот на кој е поставено прашањето излегува од рамките на поединечно дадени одговори на конкретни прашања при директно испитување и во таа насока судот посочува дека вкрстеното испитување има за цел дискредитација на исказот на вештото лице, како и неговата стручност.

Во текот на постапката, судот го одби барањето на Васев за изземање на судијката Ристески, со што се овозможи натамошно водење на постапката пред истиот судски совет. Случајот „Онкологија“ продолжува со изведување на докази и сослушување на сведоци и вешти лица, а судењето е закажано да продолжи во наредниот период.