FinPortal.mk

Вештачката интелигенција и дигитализацијата ја менуваат финансиската професија: Скопје домаќин на 7. Германско-македонска конференција за контролинг

FinPortal.mk  · 
Вештачката интелигенција и дигитализацијата ја менуваат финансиската професија: Скопје домаќин на 7. Германско-македонска конференција за контролинг

Вештачката интелигенција, дигитализацијата и потребата од нови компетенции сè повеќе го менуваат начинот на кој компаниите управуваат со финансиите и го планираат својот развој. Токму овие промени денеска ќе бидат во фокусот на 7. Германско-македонска конференција за контролинг, која се одржува во Скопје, во организација на Хајделберг Факултетот во Скопје (Heidelberg Business School).

Настанот ќе обедини академици, експерти од индустријата, финансиски директори и претставници на институциите, со цел да се отворат клучните прашања за иднината на контролингот и финансиското управување. Според организаторите, годишната главна тема е „Актуелни предизвици во контролингот – ВИ, дигитализација и преквалификација (Reskilling)“.

На официјалното отворање ќе се обрати Проф. д-р Улрих Цајтел, претседател на Бордот на директори на Хајделберг. Свои обраќања на конференцијата ќе имаат и заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски и директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова.

Посебен акцент на конференцијата ќе биде ставен на искуствата и практиките од Германија и Европа, преку учество на истакнати експерти од областа на финансиите и контролингот, информираат организаторите. Програмата опфаќа две експертски предавања и три специјализирани панел-дискусии, насочени кон практичните предизвици со кои се соочуваат компаниите и финансискиот сектор.

Дискусиите ќе опфатат теми поврзани со сметководството, контролингот и технологијата во 2027 година, предизвиците и стратегиите за контролинг во банкарството и осигурувањето, како и примената на современиот контролинг во реалниот сектор и производствените компании.

Конференцијата се одржува во момент кога финансиските функции во компаниите се соочуваат со забрзана трансформација, поттикната од новите технологии и од променетите барања за знаења и вештини на вработените. Токму затоа организаторите сметаат дека размената на германски и европски искуства со македонската практика е клучна за компаниите кои бараат начин успешно да го прилагодат своето финансиско управување на новите услови.