Вембањама и Дончиќ со рекордни партии влегоа во историјата на НБА

Францускиот центар Виктор Вембањама одигра уште една блескава партија и го предводеше Сан Антонио спарс до убедлива победа над Феникс санс од 122:96. Вембањама беше незадржлив на теренот, па иако помина само 25 минути во игра, успеа да постигне дури 40 поени, да забележи 11 скока и да запише девет блокади. Со тоа тој испиша историја во најсилната кошаркарска лига во светот.
Французинот доминираше на двете страни од теренот, а особено впечатлив беше во првото полувреме кое го заврши со 22 поени, шест скока и пет блокади. Во тој дел од натпреварот Сан Антонио направи серија од 21:2, па на полувреме заминаа со предност од 61:46. Во вториот дел спарс само ја зголемија позитивата и на крајот ја потврдија победата.
Со овој учинок Вембањама стана само третиот играч во историјата на НБА лигата што успеал да има 40 или повеќе поени, 10 или повеќе скока и осум или повеќе блокади на барем два натпревари. Интересно е што центарот на Сан Антонио тоа му успева втор пат во само седум дена, со што се приклучи на легендите Карим-Абдул Џабар и Дејвид Робинсон. Покрај тоа, Вембањама е единствениот играч во историјата што одиграл меч со 30 или повеќе поени, 10 или повеќе скокови, пет или повеќе блокади и барем две дадени тројки.
Со доминацијата продолжува и словенечкиот ас Лука Дончиќ, кој стигна до учинок каков што не е виден во последните 60 години во НБА лигата. Дончиќ го предводеше Лос Анџелес лејкерс до победа против Атланта од 124:114 со учинок од 32 поени, 10 асистенции, осум скока, пет украдени топки и две блокади.
Во првите 10 меча од сезоната Дончиќ постигна дури 393 поени, што е просек од 39,3 поени по натпревар. Повеќе поени во првите 10 натпревари од сезоната имал само легендарниот Вилт Чемберлен, а Дончиќ направи подвиг каков што не е виден шест децении. Во историјата на НБА само Чемберлен имал подобар почеток на сезоната — легендарниот центар постигнал 496 поени во првите десет натпревари од сезоната 1961–62, додека во следната сезона, во истиот период, остварил неверојатни 529 поени.
Токму во сезоната 1961–62 Чемберлен имал просек од 50,4 поени по натпревар, рекорд кој до ден-денес останува надминат во НБА. Една година подоцна, тој ја завршил сезоната со просек од 44,8 поени по натпревар. Покрај натпреварот на Сан Антонио и Лос Анџелес лејкерс, во лигата се одиграни уште неколку средби: Атланта загуби од ЛА лејкерс со 114:124, Шарлот беше поразен од Кливленд со 124:112, Детроит славеше против Вашингтон со 122:111, Торонто загуби од Мемфис со 102:118, Далас беше подобар од Индијана со 125:122, Хјустон го совлада Денвер со 110:100, Феникс загуби од Сан Антонио со 96:122, а Голден Стејт го декласираше Њу Орлеанс со 138:87.