FinPortal.mk

Вардар славеше во Штип со 1:0 против Брегалница, Николов го постигна голот но не се радуваше

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Вардар славеше во Штип со 1:0 против Брегалница, Николов го постигна голот но не се радуваше

Екипата на Вардар славеше со 1:0 на гостувањето во Штип против Брегалница во натпревар од 10. коло на Првата фудбалска лига на Македонија. Со оваа победа Вардар стигна до 20 бодови и се израмни со Струга ТЛ и Шкендија кои се на врвот од табелата.

Мечот во Штип беше решен на средината од првото полувреме. По еден центаршут, Закариќ се обиде со глава, топката дојде до Бобан Николов, кој од неколку метри со волеј-удар успеа да го матира младиот голман на Брегалница, Филевски.

Интересно е дека Николов не се радуваше по погодокот. Родениот штипјанец едноставно покажа почит кон клубот во кој како дете започнал да игра фудбал.

Во продолжение на мечот двата тима имаа свои шанси да постигнат гол, Вардар да стигне до 2:0, а Брегалница да израмни, но до крајот мрежите на двата тима мируваа.

По овој пораз, Брегалница остана со само 10 освоени бода по 10 одиграни меча.

На стартот од ова коло славеше и Струга ТЛ кај Шкендија Арачиново со 2:0, додека останатите три меча ќе се играат утре и задутре за комплетирање на колото. Во недела од 12 часот ќе играат Башкими – Силекс, а од 14 часот ќе се сретнат Скопје и Шкендија. За понеделник е закажан дуелот меѓу Арсими и Тиквеш од 14 часот.

Шкендија ќе има шанса утре да избега на најголемите ривали, доколку освои бодови на гостувањето кај Скопје.