Вардар пред прва домашна пресметка во Лигата на шампионите: победата над Нант е императив

По неколкугодишна пауза, елитното ракометно натпреварување повторно се враќа во Спортскиот центар „Јане Сандански“. Двократниот европски првак Вардар утре ќе го одигра првиот натпревар пред својата публика во Лигата на шампионите, а противник во второто коло од „Б“ групата ќе му биде францускиот тим Нант.
Новиот формат на Лигата на шампионите налага секој меч на домашен терен да се добие, што пред сè треба да ги зголеми шансите за освојување на едно од првите две места што водат во следната фаза од натпреварувањето. Вардар го стартуваше сезоната со пораз на гостувањето кај Мелсунген, додека Нант дома минимално славеше над Висла Плоцк. Токму затоа победата за вардарци е императив на утрешниот меч, свесни се во таборот на црвено-црните.
„Имаме големи очекувања за утрешниот меч. Сигурно дека имаме свои желби како да стигнеме до прва победа. Мора да бидеме претпазливи и од почеток да веруваме. Сакам да видам вистинска конекција меѓу нашите навивачи и ракометарите. Утрешна победа ќе ни биде ветер во грб за следните мечеви“, изјави вардаровиот тренер Иван Чупиќ.
Поддршката од навивачите ќе биде и тоа како неопходна и важна, па вардарци се решија пред мечот да отворат и „фан зона“. Загревањето за натпреварот започнува два часа порано, односно во 16:45 часот, на платото пред салата, каде што ќе биде организирана голема „фан зона“.
Почетокот на дуелот Вардар – Нант е закажан во терминот од 18:45 часот. Со оглед на тоа што станува збор за прв натпревар пред домашната публика по подолг период, очекувањата во таборот на македонскиот шампион се големи, а триумфот над францускиот претставник би значел и важен чекор кон исполнување на целта – место меѓу најдобрите две екипи во групата.