Вајц: Во Австрија има корупција, но најбогатите завршуваат зад решетки

Во Австрија постојат големи случаи на корупција, но она што ја разликува земјата од многу други е тоа што и најбогатите луѓе завршуваат в затвор, изјави европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, на сесијата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, којашто беше посветена на борбата против корупцијата.
Вајц пред македонските собраниски претставници посочи дека сите земји-членки на Европската Унија се борат со корупцијата и дека ниту една членка не е совршена. Според него, Унијата се стреми да го зајакне владеењето на правото, но меѓу земјите-членки постојат разлики, вклучително и во нивото на корупција. Тој призна дека и во неговата Австрија има големи корупциски случаи, но нагласи дека клучната разлика е во тоа што многу богати луѓе лежат в затвор.
Како илустрација, европратеникот го наведе огромниот скандал со недвижности во Австрија, во кој одговорен беше господин Бенко. Вајц потсети дека многу луѓе сметале оти тој е пребогат за да оди на суд, но довербата во системот можела да се измери на денот кога бил уапсен и ставен во притвор. Луѓето, како што рече, видоа дека и еден од најбогатите во Австрија ќе излезе пред суд и ќе биде приведен за тешко дело.
Вајц апелираше дека борбата против корупцијата не се сведува само на исполнување на обврските кон Европската Унија или на критериумите за пристапување. Според него, станува збор за вложување во самото општество, во земјата, во функционирањето на институциите и во довербата во системот. Тој предупреди дека ако граѓаните не можат да се убедат дека правдата постои за сите, тоа на луѓето им дава причина да заминат.
Една од најголемите пречки за економскиот и за општиот општествен развој, оцени Вајц, е кога младите си заминуваат. Како Австриец, рече дека би рекол „што убаво, елате кај нас во Австрија, нас ни требаат квалификувани и образовани луѓе“, но додаде дека знае каков ефект тоа го има врз општеството. Тој нагласи дека е тука како поддржувач на Северна Македонија и на целиот регион и предупреди дека ако младите заминат, заминува и дел од иднината на земјата, а тоа е поврзано со довербата во институциите, во правосудството и во државните органи.
Во однос на Реформската агенда, Вајц посочи дека треба да се доработат измените на Кривичниот законик, со цел Европската Унија да може да обезбеди средства поврзани со тоа. Тој објасни дека во планот за раст дел од концептот предвидува дека ако една држава не ги изведе реформите навреме, тие пари одат на соседните земји. Според информациите со кои располага, Северна Македонија има реална шанса да добие значителни дополнителни средства, можеби 70 до 80 милиони евра.
Сепак, Вајц нагласи дека не е во парите работата, туку дека треба да им се служи на граѓаните. Неговата порака до македонските институции беше дека борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото не се формалност кон Брисел, туку услов за доверба во системот и за задржување на младите луѓе во земјата.