Вајц бара од Кос дипломатска иницијатива за спорот меѓу Македонија и Бугарија

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, ја повика еврокомесарката за проширување Марта Кос да вложи дипломатски напори за надминување на спорот меѓу Македонија и Бугарија. Повикот беше упатен за време на обраќањето на Вајц пред Комитетот за надворешни работи (AFET) на Европскиот парламент, каде што беше претставен Пакетот за проширување.
Во своето обраќање Вајц ги посочи Хрватска и Црна Гора како позитивен пример за справување со билатералните прашања. Тој изрази благодарност до премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, и до премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, што, како што рече, разговараат меѓусебно, што седнаа на иста маса и што наоѓаат решенија. Вајц нагласи дека билатералните прашања во никој случај не смеат да го попречуваат напредокот во процесот на пристапување и дека токму така треба да се постапува.
Според Вајц, овој пример може да послужи и за други земји, меѓу кои и Македонија, каде што билатералните прашања бараат дијалог. Тој посочи дека дел од прашањата веќе се на европско ниво и се однесуваат на вклучувањето на малцинствата, поради што треба да се реализираат уставните измени. Сепак, според него, единствениот начин за излез од ќор-сокакот е директен дијалог меѓу двете влади.
Вајц порача дека единствениот начин да се излезе од тој ќор-сокак е страните да разговараат меѓусебно, односно владите на Бугарија и на Северна Македонија да седнат и да разговараат. Бидејќи, како што истакна, мотивацијата не е секогаш на највисоко ниво, тој ја замоли Кос да вложи напори во оваа дипломатска насока.
Претходно, Кос го претстави Пакетот за проширување за 2026 година, кој ги содржи извештаите на Европската комисија за десет земји-кандидатки за членство во Европската Унија. Таа порача дека секоја земја-кандидатка може да се приклучи на групата држави што брзо напредуваат, нагласувајќи дека Унијата ги охрабрува сите кандидати да го направат тој избор.
Во однос на Македонија, Кос оцени дека Владата покажува посветеност на реформите и на спроведувањето на Реформската агенда. Таа нагласи дека Европската комисија ќе продолжи да ја поддржува земјата на нејзиниот пат кон Европската Унија и дека целта останува да се отвори првиот кластер штом ќе се исполнат условите. Според неа, земјата треба да ја исполни својата обврска за завршување на уставните измени.