УНИЦЕФ: Околу 12.000 деца во Македонија жртви на сексуална злоупотреба преку интернет за една година

Околу 12.000 деца во Македонија биле изложени на сексуална експлоатација или злоупотреба со помош на дигиталните технологии во период од една година, покажуваат наодите од истражувањето „Disrupting Harm“ на УНИЦЕФ. Според истражувањето, секое десетто дете на возраст од 12 до 17 години што користи интернет во Македонија било изложено на најмалку една форма на сексуална експлоатација или злоупотреба поврзана со дигиталните технологии во период од една година, а проценката е дека станува збор за околу 12.000 деца.
Истражувањето открива загрижувачки јаз меѓу децата што се доверуваат некому и оние чии случаи стигнуваат до институциите. Речиси девет од десет деца во Македонија кои доживеале сексуална експлоатација или злоупотреба со помош на технологија некому му раскажале што им се случило, но помалку од еден процент побарале помош преку официјалните канали за пријавување. Овој огромен јаз е еден од најзагрижувачките наоди на истражувањето објавено од УНИЦЕФ.
Податоците покажуваат дека проблемот не е само во тоа дали децата се подготвени да зборуваат за насилството, туку и дали постои систем во кој имаат доверба и кој може да им обезбеди навремена заштита. Во меѓувреме, Македонија бележи особено високи показатели за сексуални уцени и злоупотреба на фотографии создадени со вештачка интелигенција.
Истражувањето опфатило 1.039 деца и исто толку родители и старатели, како и интервјуа со стручни лица од институциите за детска заштита, полицијата и правосудството. Наодите покажуваат дека сексуалната злоупотреба со помош на технологија не е ограничена на непознати лица кои контактираат деца преку интернет, туку дека во голем дел од случаите сторителите се лица кои децата веќе ги познаваат. Според податоците од истражувањето, најголемата опасност често доаѓа од познати лица, а во 78 проценти од случаите станува збор токму за такви сторители.
Наодите на УНИЦЕФ укажуваат на потребата од системски пристап кон заштитата на децата во дигиталниот простор, при што клучно е да се воспостават канали за пријавување во кои децата ќе имаат доверба и кои ќе им обезбедат навремена заштита. Истражувањето „Disrupting Harm“ ги обединува податоците од децата, родителите и стручните лица од институциите, со цел да се добие целосна слика за тоа како функционира системот за заштита на децата од сексуална експлоатација и злоупотреба поврзана со дигиталните технологии.