FinPortal.mk

УНИЦЕФ формираше Бизнис советодавен одбор за поддршка на правата на децата во земјата

FinPortal.mk  · 
УНИЦЕФ формираше Бизнис советодавен одбор за поддршка на правата на децата во земјата

УНИЦЕФ основа Бизнис советодавен одбор (Business Advisory Council – BAC) во Северна Македонија, со кој се обединуваат истакнати претставници од бизнис заедницата посветени на унапредување на правата и благосостојбата на децата преку одговорни деловни практики, иновации, застапување и партнерства. Како што соопштија од организацијата, станува збор за платформа формирана од УНИЦЕФ која го поврзува лидерството во приватниот сектор со мисијата на УНИЦЕФ за децата.

Одборот го сочинуваат Неби Хоџа од Oxa Group, Ирена Јакимовска од Комфи Ангел, Горан Марковиќ од Македонски Телеком, Живко Мукаетов од Алкалоид, Иван Штериев од Македонска берза и Марјонка Велјановска од Фармахем. Сите членови учествуваат во лично својство, а нивната улога е преку својата стручност и влијание да го зајакнат ангажманот на бизнис секторот во поддршка на децата и да препознаат можности за подобрување на условите за децата и семејствата.

Членовите на одборот доброволно ги вложуваат своето време и експертиза за унапредување на правата на децата, промовирање на одговорни деловни практики, подигнување на свеста за прашањата што ги засегаат децата и поддршка на партнерства што создаваат заедничка вредност за децата, заедниците и компаниите.

Претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Лесли Милер, изрази благодарност до членовите на одборот за нивниот ангажман. „Секое дете заслужува еднаква можност да учи, да расте и да го достигне својот целосен потенцијал. За остварување на оваа визија е потребно лидерство од сите сегменти на општеството, вклучувајќи ја и бизнис заедницата. Исклучително сум благодарна на членовите на Бизнис советодавниот одбор на УНИЦЕФ што го вложуваат своето знаење, искуство и ентузијазам во оваа заедничка цел“, изјави Милер.

Таа додаде дека она што најмногу ја инспирира не е само личната посветеност на членовите на правата на децата, туку и нивната подготвеност да ги поттикнат и мобилизираат и другите. „Првиот состанок го означува почетокот на важна соработка која има потенцијал значително да ги подобри животите на децата“, истакна претставничката на УНИЦЕФ.

Како прва област за заедничко дејствување на одборот беа идентификувани образованието и грижата во раното детство. Оваа тема е избрана имајќи ја предвид нивната клучна улога во поддршката на развојот на децата, овозможувањето поголемо учество на жените на пазарот на труд, намалувањето на меѓугенерациската сиромаштија и нееднаквост и поставувањето темели за долгорочен економски просперитет.

УНИЦЕФ и одборот, како што е најавено, ќе истражуваат иновативни партнерства што можат да помогнат повеќе деца, особено во областите каде што е најпотребна поддршка. Преку оваа соработка се очекува бизнис секторот поактивно да се вклучи во решавање на прашањата што ги засегаат најмладите и нивните семејства.

Формирањето на Бизнис советодавниот одбор претставува чекор кон поврзување на приватниот сектор со мисијата на УНИЦЕФ, при што компаниите преку одговорни практики и партнерства можат да придонесат за подобрување на условите во кои растат децата. Првиот состанок на одборот е означен како почеток на соработка со потенцијал за значителни резултати во областа на правата и благосостојбата на децата во земјата.