УНИ Банка со најголем раст на Берзата во септември, Титан Усје предводи меѓу губитниците

Акцијата на УНИ Банка е носител на најголемиот раст забележан во статистиката на Македонска берза за септември, додека најголемиот пад на вредноста ја следи акцијата на Титан Усје. Според податоците од берзанската статистика, банкарската хартија од вредност зајакнала за 12,63 насто на месечно ниво, откако на 31 август имала просечна цена од 6.570 денари, а на 30 септември достигнала 7.400 денари.
Пресврт се случил и кај акцијата на Хотели Метропол Охрид, која во август ја предводела минусната листа, а во септември го има вториот по големина раст од 6,98 насто. Од 215 денари, цената се поместила на 230 денари. Сепак, како што се наведува, ова движење не го надоместува целосно претходниот пад од 18,25 отсто.
Слична е состојбата и кај Адинг, чија вредност на акцијата се зголемила за 5,42 насто, од 2.500 на 2.635,45 денари, откако претходниот месец го завршила со минус од 7,41 отсто. За два денари е повисока просечната цена на РЖ Економика, односно за 3,77 насто – по августовските 53 денари, септември го заокружила со просек од 55 денари за акција.
По двомесечен пад, акцијата на ТТК Банка нараснала за 2,63 насто и достигнала 1.151 денар, откако во август имала просечна цена од 1.121,54 денари.
Во рангирањето според најголемите процентуални осипувања, првото место со 7,79 отсто го зазема Титан Усје. Вредноста на акцијата се намалила за 3.800 денари – од 48.800 на 45.000 денари. Ова движење доаѓа по растот од 10,91 насто во август.
На таа линија е и акцијата на Алкалоид. Во септември просекот се намалил за 7,27 отсто, односно од 23.841,48 на 22.107,57 денари. Еден месец порано, оваа акција постигнала едно од петте тогашни најсилни движења, за 3,99 насто.
И вредноста на акцијата издадена од Окта опаднала во текот на септември, од 5.466 на 5.175 денари, или за 5,32 отсто. За 4,42 отсто е пониска просечната цена на Стопанска банка Скопје – од 1.903,41 на 1.819,20 денари. Годинава, ова е шести месец во кој оваа акција бележи пад. Негативните движења беа присутни во пет последователни месеци, а серијата беше прекината во август.
Со најнизок процент од 4,21 отсто меѓу губитниците е и акцијата на НЛБ Банка. Во август чинела 51.940 денари, а септември го завршила со просечна вредност од 49.754,14 денари.
Податоците за септември покажуваат дека месечните движења на цените на берзанските хартии од вредност неретко претставуваат пресврт во однос на претходниот период, при што дел од акциите што во август бележеле пад, во септември забележале раст, и обратно. Ваквите промени во просечните цени се резултат на тргувањето со акциите во текот на месецот и на промените во понудата и побарувачката на пазарот.