29.10.2026 - УНИ Банка АД Скопје - Други ценовно чувствителни информации
Универзална Инвестициона Банка АД Скопје (УНИБанка) заклучно со третиот квартал од 2026 година оствари позитивни финансиски резултати преку реализација на низа активности поврзани со зголемување и подобрување на понудата за клиентите со нови атрактивни продукти, се наведува во образложението за остварените финансиски резултати за периодот јануари – септември 2026 година.
Од Банката оценуваат дека очекувањата за светската економска активност се главно непроменети, но и натаму се претежно неповолни. Воениот конфликт на Блискиот Исток и натаму создава негативни ефекти врз светската економија, иако тие засега делумно се неутрализирани од посилната светска побарувачка, со поддршка од технолошкиот циклус и напредокот во областа на вештачката интелигенција. Главните активности и натаму се насочени кон намалувањето на трговските тензии и политичката неизвесност, справувањето со финансиските ризици, фискалната одржливост и спроведувањето реформи за зајакнување на продуктивноста.
Расположливите високофреквентни податоци за домашната економска активност за вториот квартал од 2026 година, засега упатуваат на натамошен раст на економската активност. Градежната активност забележа силен годишен раст, индустриското производство повторно премина во позитивната зона, додека домашната трговска активност бележи умерено ослабување на реалниот пад. Економските услови и натаму се неизвесни, односно ризиците поврзани со надворешното окружување сѐ уште се изразени, а динамиката на остварување на големите инфраструктурни проекти и натаму е главниот домашен фактор за растот на краток и среден рок.
Заклучно со третиот квартал од 2026 година, Банката нема промени во сметководствените политики и методите на вреднување.
Финансиски перформанси
Остварени приходи: Приходите од работење заклучно со третиот квартал од 2026 година изнесуваат 1.741,9 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат намалување од 2,6%.
Придонес на каматните приходи: Најголем придонес во остварувањето на позитивен финансиски резултат во износ од 218,9 милиони денари имаат приходите од камати како најзначаен елемент на банкарските приходи.
Структура на приходите: Во структурата на вкупните приходи (приходи од камати, приходи од провизии и надомести, нето-приходи/расходи од курсни разлики и останати приходи од дејноста), најголемо учество од 67% имаат приходите од камати, кои во споредба со истиот период од 2025 година се намалени за 0,6%. Анализата на секторската структура на приходите од камати покажува поголема ориентација на Банката кон кредитирање на секторот население.
Причини за пад на каматните приходи: Каматните приходи бележат пад поради намалените каматни стапки на кредитните продукти како одговор на пазарната динамика и намалената референтна каматна стапка и свесен избор преку конкурентни услови да се оствари пораст на клиентската база и зголемен обем на бизнис што ќе генерира стабилни приливи и преку вкрстена продажба во тековната и во годините што следат. Намалените каматни приходи се одраз и на подобрувањето на квалитетот на кредитното портфолио на Банката, со што на долг рок се очекува да се намали и потребата од дополнителни резервации.
Остварени расходи: Расходите заклучно со третиот квартал од 2026 година изнесуваат 1.523 милиони денари и бележат зголемување од 5,2% во однос на истиот период од 2025 година. Зголемувањето се должи, пред сѐ, на зголемувањето на расходите за провизии како резултат на зголемувањето на трошоците од страна на картичните организации за cross border трансакции и за лиценци. Зголемувањето на резервациите изврши притисок врз тековниот резултат, меѓутоа истото е показател за одговорниот и конзервативен пристап на Банката кон управувањето со ризици, кој овозможува одржување на стабилноста во случај на непредвидени надворешни економски промени.
Исплатени дивиденди Заклучно со третиот квартал од 2026 година, со Одлука на Собрание на акционери СО број: 0201/4-4/2026 од 24.09.2026 година, Банката издвоените средства во висина од 211,3 милиони денари во акумулирана добивка за понатамошна распределба на акционерите ги пренамени за исплата на дивиденди на акционерите кои ќе бидат исплатени во текот на месец октомври 2026 година (387 денари бруто дивиденда по акција).
Вложувања и продажба на материјални средства Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања бележат зголемување во однос на 31.12.2025, како резултат на преземање на имот.