Украина го совлада македонскиот одбојкарски тим со 3-0 на Европското првенство
FinPortal.mk · 11.9.2026 г.
Македонската одбојкарска репрезентација го претрпе и вториот пораз на Европското првенство 2026, откако Украина славеше со максимални 3-0 во сетови. Поразот повторно беше убедлив, а Украина ја искористи најголемата слабост на нашиот тим – проблемите во приемот на сервисот. Црвено-жолтите во првите два сета покажаа карактер и имаа периоди во кои сериозно му се спротивставија на противникот. Сепак, лошиот прием не им дозволи да го одржат ритамот. Украина редовно создаваше предност со сервисите, а потоа успеваше да ја контролира играта. Македонија во првиот сет успеа да се врати во резултатот и стигна до 24-22, но токму тогаш се случи голем судиски превид. Арбитрите не санкционираа очигледна двојна игра на украински одбојкар, по што поенот му припадна на противникот. Украина го освои сетот со 25-22. Слично сценарио се повтори и во вториот сет. Украинците рано направија разлика, Македонија повторно се врати и се закани, но не успеа да го направи последниот чекор. Украина повторно славеше со 25-22. Во третиот сет, пак, Македонија целосно падна. Не функционираше речиси ниту еден сегмент од играта, што Украина максимално го искористи за убедливи 25-10 и конечни 3-0. За македонските одбојкари нема многу време за одмор. Во третото коло, в недела од 18 часот, следува најтешкиот можен предизвик – дуел со Полска, една од селекциите кои се сметаат за сериозни кандидати за медал.